fbpx

МВР: Диме Спасов предизвикал две сообраќајни незгоди и со трчање избегал

-

Министерството за внатрешни работи попладнево излезе со соопштение за сообраќајката што синоќа се случи кај Агенцијата за катастар во општина Карпош, за која се велеше дека ја предизвикал дополнителниот заменик-министер за социјална работа, Диме Спасов.

Во соопштението на МВР се вели дека возачот со иницијали Д.С. предизвикал две сообраќајки со возилото марка „туарег“ и избегал, а на полицијата ѝ се пријавило некое друго лице (М.Т.), но полицијата увидела дека не ги познавало околностите и заклучила дека тоа не управувало со возилото.

„На 28 октомври 2016 година, во 23.20 часот Е.А. на бројот 192 пријавил дека во Градскиот парк во Скопје, движејќи се по сервисната улица кон хотелот „Парк“, со своето возило „фолксваген“ со скопски регистарски таблици, кое лично го управувал, бил удрен од „туарег“ со скопски регистарски таблици кое доаѓало од спротивен правец. Возачот што ја предизвикал сообраќајната незгода не застанал, туку се дал во бегство, а лицето кое пријавило во полиција го следело. Возачот на „туарегот“ продолжил да се движи по улицата Франклин Рузвелт, по што свртел десно по улицата Митрполит Теодосиј Гологанов, па потоа по улицата Њуделхиска, каде што предизвикал и втора сообраќајна незгода, удирајќи во друго возило со скопски регистарски таблици, и повторно, без да застане, продолжил кон улицата Алжирска, каде бил сопрен од полициска патрола. Од полициски службеници, лично и непосредно било утврдено дека од возилото сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К.“, пишува во соопштението на МВР.

Како што информираат од полицијата, Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, а додека полицијата го утврдувала идентитетот на сопатничката, Д.С. со трчање избегал од местото на настанот. Со полицајци и со тимови на единицата „Алфа“ биле извршени обиколки во непосредна околина, но Д.С. не бил пронајден.

Подоцна, околу 2 часот по полноќ, на местото каде што било оставено возилото, дошол М. Т. и на полицијата ѝ кажал дека тој го возел „туарегот“.

„Од дадената изјава на М.Т. може да се констатира дека недоволно ги познавал околностите под кои се случиле претходно опишаните сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото. Изјавата на М.Т. не кореспондира со изјавата на сопатничката Т. К. и со утврдената фактичка состојба на местото на настанот од страна на полициските службеници, кои констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К.“, пишува во соопштението.
Од МВР додаваат дека работат на комплетно расчистување на околностите околу сообраќајните незгоди, за што јавноста ќе биде соодветно информирана.

Утринава демант и најави за тужби испратија од кабинетот на Спасов, во кои беше наведено дека намерно му се уништува имиџот и рејтингот на дополнителниот заменик-министер.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...