„Мрежа 23“: Правосудството и почитувањето на човековите права се далеку од идеалното


       
Скопје, 3 април, 2018 - 14:47 (META) 

Македонија ја чека долг пат до подобрување на правосудството во целост, со многу чекори што треба да се превземат за да се осигури вистинско делење на правдата и подобрување на состојбата на почитувањето на човековите права, се посочува во „Извештајот во сенка за Поглавјето 23“, кој е подготвен и објавен во рамките на проектот „Мрежа 23“ што го спроведуваат Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а е посветен на оценувањето на политиките опфатени со Поглавјето 23 од пристапувањето во ЕУ – Правосудство и темелни права.

Анализите се правени за периодот од пред парламентарните избори во 2016 година се до крајот на јануари годинава.

Во поглед на правосудството, пофалена е Стратегијата  за  реформа  на правосудниот сектор, а се препорачува понатамошно јакнење на независноста на судството, вклучително и на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, преку транспарентност во одлуките за именување и унапредување на судии и јавни обвинители. Се препорачува и воведување механизми за одговорност на членовите на двата совета, а се препорачува и поголема финансиска независност на судството, со поголеми издвојувања пари од досегашните.

Извештајот на „Мрежа 23“ позитивно ја гледа определбата СЈО да се вклопи во Јавното обвинителство, но гледа со скепса кон формирањето посебно судско одделение за нивните случаи. Се нагласува дека мора да се обезбеди правилна распределба на предметите на судиите преку системот АКМИС.

Во поглед на борбата против корупцијата препорака е Антикорупциска комисија доследно да го спроведува Законот за спречување корупција, a се препорачува дополнување на Законот за укажувачи.

За Уставниот суд суд се нагласува дека е пасивен и политички инструментализиран, а се порачува дека при изборот на судиите треба да се води сметка за професионалноста и интегритетот. Се препорачува и зголемување на потребото мнозинство во Собранието за нивно изгласување. Се препорачува и воведување „уставна жалба“ за подобрување на правата и слободите на граѓаните.

Се бара подобрување на пристапот до правда на жртвите од дискриминација, преку ослободување од судски трошоци, вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, како и строго придржување кон законските норми од страна на медиумите.

Во поглед на Оперативно технничката агенција (ОТА), која треба да го врши следењето на комуникациите, се бараат гаранција за нејзино законско функционирање, како и поголема контрола врз неа од страна на граѓанското општество.

Извештајот на „Мрежа 23“ претходи на новиот Извештај за напредокот на Република Македонија кој се очекува да биде објавен од страна на Европската комисија во средината на месецов.