fbpx

Могерини и Хан го поздравија договорот меѓу партиите за избори на 11 декември

-

Високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, во заедничка изјава го поздравија политичкиот договор што денеска го постигнаа лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино.

„Го поздравуваме фактот што лидерите на четирите најголеми политички партии донесоа голем број важни одлуки за спроведување на политичкиот договор од минатата година, како и утврдувањето на 11 декември како датум за предвремените парламентарни избори. Ги повикуваме сите политички партии строго да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес, да им овозможат на сите граѓани слободен избор и, по изборите, да се состави влада која ќе работи на клучните реформи и ќе работи во интерес на сите граѓани. Во иста насока, сите политички сили треба итно да ги засилат нивните напори за спроведување на остатокот од политичкиот договор, вклучувајќи ги реформските приоритети“, стои во заедничката изјава и се наведува дека ЕУ ќе продолжи со својата поддршка на овој процес и ќе ѝ помогне на земјата да се врати на својот евроатлантски пат.

Хан потоа на својот профил на „Твитер“ напиша дека ги поздравува добрите вести од Скопје за договорот меѓу партиите кој треба да го трасира патот за веродостојни избори.

„Добредојдени се добрите вести од Скопје, договорот меѓу партиите треба да го отвори патот за веродостојни избори, со фер избор за граѓаните. Лидерите сега мора итно да го спроведат владеењето на правото и да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат“, напиша Хан на „Твитер“.

Лидерите на четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино вечерва се договорија на 11 декември да се одржат предвремените парламентарни избори. Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи ги ставија своите потписи на заедничката изјава за датумот на одржување на изборите, како и за решенијата за уредник на информативната редакција на МТВ, петтиот член на ад хок телото за следење на медиумите во предизборниот период и за методологијата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според договорот, владата што ќе ги организира изборите ќе биде избрана на 2 септември, односно в петок, а истиот ден со работа треба да почнат и главната уредничка на информативната редакција на МТВ, Санта Аргирова, и ад хок телото за надзор на медиумите во предизборниот период, чиј петти член ќе биде новинарот Љуљзим Хазири.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...