!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Мнозинството во Собранието ги отфрли законите предложени од опозицијата


       
Скопје, 12 септември, 2017 - 21:18 (META) 

Собранието попладнево на 13. седница не ги прифати законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и предложените измени на Законот за водостопанство, предложени од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Предложениот закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, според предлагачите, требаше да овозможи граѓаните што досега не успеале да си ги приватизираат своите градежни земјишта, сега да го направат тоа. Пратениците од мнозинството се спротивставија на предложеното законско решение, затоа што во него не се предвидува временска рамка во која граѓаните треба да го направат тоа.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија СДСМ дека со одбивањето на законот ги ставаат партиските интереси пред тие на граѓаните. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од говорницата изрази чудење што пратениците од ДУИ сега не го поддржуваат законот, иако додека биле во парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ неколкупати го гласале законот.

Васко Ковачевски од СДСМ рече дека неприфатливо е законско решение во кое не се дадени временски рокови и дека владата подготвува решение за овој проблем.

Со 49 гласа „против“ и 29 „за“ беа отфрлени на прво читање предложените измени на Законот за водостопанство.

Со измените, предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, се бараше АД „Водостопанство“ да не ги презема системите за наводнување кои се на опфат помалку од 50 хектари и кои земјоделците сами, на сопствено земјиште и со сопствени средства, ги изградиле.

Од СДСМ истакнаа дека предложеното решение со ништо не придонесува земјоделците да добиваат повеќе вода за наводнување и дека со нив се задоволат интересите само на мала група земјоделци. Од владејачката пратија истакнаа дека во земјава има многу системи за наводнување што не се регулирани, односно околу 50.000 хактари и дека водостопанските претпријатија покриваат 30.000 хектари.