ММФ: Потребна ви е политичка стабилност, реформи и поголема отвореност на пазарот


       
Скопје, 16 февруари, 2018 - 15:03 (META) 

Охрабрени сме од економскиот напредок на регионот, вклучувајќи ја и вашата земја. За овој регион е важно да остане отворен и економски да се ангажира надвор од границите. Многу е важно да се зајакнат врските со најголемите трговски партнери.

Тоа денеска го порача заменик-главниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Тао Џанг, на Меѓународната конференција за монетарна политика и управување со финансиски средства, која што ја организира Народна банка.

Според Џанг, сега е момент нашата држава да го поддржи заздравувањето на регионалната економија.

– Се чувствува итна потреба макроекономската политика да доживее реформа за да се консолидира прогресот кој досега е остварен. Политичката стабилност на државите од регионот е позитивно нешто и е неопходна за да може да се покренат економски реформи – рече Џанг.

Шефицата на Мисијата на ММФ во Скопје, Јасмин Рахмен, рече дека во Македонија се потребни структурни реформи во управувањето и владеењето на правото.

– Во тие две области Македонија не стои добро во споредба со другите слични мали економии. Потребни се реформи во правосудството и транспарентност на јавните институции за да се зголеми довербата, не само меѓународен план и кај луѓето. Има висока стапка на миграција во развиените земји. Моја прва препорака е да се подобрат јавните институции и владеењето, за да се задржат стручните работници во државата. Имате една од највисоките стапи на невработеност во Европа и потребни се реформи на политиките, поголема отвореност на пазарот, пониски даночни стапки и инвестирање во образованието – рече Рахмен.

Таа додаде дека одливот на стручен кадар скапо ја чини нашата економија.

– За да ги задржите дома, треба да создадете работни места и подобрување на условите за работа, како и предвидлива бизнис средина. Кога би имале подобра иднина, тие би останале. Тие мора да сметаат на институциите дека ќе обезбедат вработување и затоа се потребни реформи во институциите и образованието, за вештините кои ги стекнуваат да соодветствуваат на работните места кои се отвораат – додаде Рахмен.

ММФ останува на ставот дека се потребни реформи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи како што рекоа неговите претставници, вака е неодржлив на долг рок, поради стареење на населението, ниските придонеси и ниската старосна граница за пензионорање во споредба со земјите членки на ЕУ.

На конференцијата следуваат уште две сесии. На следната ќе се расправа за согледување на централните банки и на менаџерите на финансиски средства за стратегиите за ефективно намалување на ризиците, а на четвртата сесија е предвидена дебата за Југоисточна Европа „Кој е тековниот пат кон интеграција и пораст?“, на која ќе учествуваат министерот за финансии Драган Тевдовски и министерот за финансии на Бугарија, Владислав Горанов.

Конференцијата се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје и на неа учествуваат високи претставници од ММФ, Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка, гувернери, вицегувернери, претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).