Мицотакис: Илинденска Македонија е олицетворение на иредентизмот


       
Атина, 21 мај, 2018 - 10:17 (META) 

Илинден и илинденското востание се идентификуваат со македонскиот иредентизам, смета лидерот на грчката опозициска Нова демократија Киријакос Мицотакис при посетата на грчкиот остров Крф и додаде дека неговата партија никогаш нема да го прифати ова име.

– Во изминатите денови слушнавме и јас лично бев избрифиран, дека се разговара за име на Скопје, за името „Илинденска Македонија“. Значи, да разјасниме одредени прашања за оние кои се чини дека не ја познаваат добро нашата историја. Илинденското востание и името на Илинден се идентификуваат со македонскиот иредентизам. Тоа е име што беше идентификувано со националистичко востание, кое тогаш, како централен слоган, го имаше Македонија на Македонците и формирање на една голема Македонија, со главен град Солун. Со други зборови, истото име за кое разговараше и веројатно уште разговара Ципрас, е олицетворение на иредентизмот – рече Мицотакис и додаде дека му се чини дека „секогаш кога Ципрас преговара ноќе и сам, е опасен за националните интереси.

Претседателот на грчката конзервативна партија одново ги спомена позициите на Нова демократија за ерга омнес име и уставна ревизија како предуслов за било кое решение и го повтори ставот дека тие нема да го прифатат конкретното име.

– Навистина се надевам, иако господинот Ципрас уште не не известил, дека ова име веќе го отфрли како неприфатливо, бидејќи ја навредува историјата на нашата земја и кое под никакви околности не може да биде прифатено 0 додаде лидерот на Нова демократија.