fbpx

Мицотакис, а не Ципрас, е новиот миленик на грчките медиуми

-

Новиот лидер на десничарската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, полека почнува да го гради својот имиџ како нова политичка ѕвезда на грчката сцена. Мнозинството од грчките медиуми го следат секој негов чекор за реформирање на партијата, претставувајќи го како новиот политички лидер кој може да внесе сериозност и стабилност не само во Нова демократија, туку и во државата како потенцијален премиер.

Тој е син на поранешниот грчки премиер Констатинос Мицотакис и брат на Дора Бакојани, поранешната шефица на грчката дипломатија.

Она што пред само една година беше Алексис Ципрас, светлата политичка ѕвезда, Робин Худ кој можеше да му помогне на народот и да им се спротивстави на острите европски политичари, сега полека станува Мицотакис.

Сите медиумски светла се завртени кон него и кон неговите одлуки како човекот кој е анти-Ципрас и би можел да биде сериозна политичка алтернатива за премиер.

Доаѓањето на Мицотакис како млад, проевропски ориентиран политичар, со свежи идеи и со волја за реформи, се смета дека ќе ја врати Нова демократија како стабилен политички столб на грчката политичка сцена, односно ќе помогне да се врати довербата на грчките гласачи во најголемата десничарска партија во земјата.

Она што е, исто така, интересно како забелешка е дека неговото присуство може да помогне дел од гласачите кои се во политичкиот центар и се ориентираа кон ПАСОК или Река, повторно да размислат да се вратат во Нова демократија, која Мицотакис се очекува да ја направи силна центро-десничарска сила, напуштајќи ги старите популистички методи и идеологија. Мицотакис, се чини, ја има и европската поддршка, според одекот на неговиот избор во европските медиуми, одземајќи му ја и таму популарноста на Ципрас, кого европските медиуми изминатите две години го покажуваа како нова европска политичка ѕвезда, поддршка што спласна по неговиот политички неуспех во преговорите со европските кредитори минатото лето.

Она што го прави Мицотакис добар избор и за европските кредитори е неговата отвореност кон нови реформи и политичката конзистентност. За разлика од Андонис Самарас, тој никогаш не се противеше на мерките за штедење, а истовремено и се одлучи да го поддржи новиот пакет мерки што го договори Ципрас со европските кредитори за да не дојде до грчки излез од еврозоната. Засега, сепак, сè уште е неизвесно дали европските кредитори би сакале да видат промена на политичката сцена или, пак, би биле посреќни доколку остане владата на Ципрас да ги заврши договорените обврски и да го спроведе договорот.

Мицотакис, во секој случај, веќе активно и агресивно работи на внатрешни промени и на реформи во партијата за да креира силно јадро на соработници околу себе, да ја обедини партијата и да може потоа силно да настапи како потенцијален нов премиер. Тој веќе почна со промени на клучните позиции во партијата, во обид да се реформира начинот на работа на најголемата опозициска политичка сила во Грција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...