fbpx

Мицкоски: Зоран Заев преку посредник му продал државно земјиште за зграда на Вице Заев

-

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски денеска обвини дека премиерот Зоран Заев, додека бил градоначалник на Струмица, продал на струмички бизнисмен огромна квадратура државно земјиште кај поранешната касарна, кое на крајот завршило во рацете на неговиот брат Вице Заев и на фирма во која член на Управен одбор е нивниот братучед, Трајче Заев.

Според Мицкоски, спорно е тоа што на јавното наддавање за отуѓување државно земјиште се јавил само еден понудувач – Сашко Брндевски од Струмица, за кој рече дека е бизнис партнер на фирмите на Заеви  – кој потоа го продал земјиштето на Вице Заев и фирмата „АД Пелагонија – Струмица“, во која висока функција има Трајче Заев.

– Ова е случај каде може многу јасно да се види како се прават бизниси во Струмица, по клучот на картелско и клановско поврзување и ползување на придобивките на функцијата дадена од граѓаните. Имено, на 29.12.2014 година одржано е јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште во општина Струмица и на аукцијата се јавува само еден понудувач, а тоа е лицето Сашко Брндевски, од Струмица, бизнис партнер во една од компаниите на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев.  На лицитацијата постигната е цена од 2.300 денари за м2, а парцелата со намена за изградба на објект за колективно домување е со вкупна површина од 18.462 м2 – вели Мицкоски, кој презентираше обемна документација.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека пред да се издаде одобрението за градење, Општина Струмица одобрила на продадената локација да се градат осум нови седумкатници, со вкупна бруто изградена површина од 52.850 м2. Веднаш потоа Брндевски го пренел правото на градење на зградата 8 на фирмата Тотал Инженеринг на Вице Заев, а за возврат добил само еден стан од 40 квадратни метри, нагласува Мицкоски.

– Во февруари 2016 година, Зоран Заев на Сашко Брндевски му издава одобрение за градење за изградба на станбена зграда бр. 8. Во истиот месец во 2016 година, лицето Сашко Брндевски склучува договор за пренесување на право на градење на предметната парцела со правните лица „Тотал Инженеринг“, сопственост на Вице Заев и АД “Пелагонија Струмица“ во чиј управен одбор во тоа време пак е братучедот на Заев, Трајче Заев. Ќе потсетам дека „Тотал Инженеринг“ е истата фирма која беше во  средиштето на аферата со камиони и превоз на јаглен. Како надоместок за тоа што им отстапил право на градење, лицето Сашко Брндевски добило стан од само 40 м2. Значи еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина 6.888 м2, профит над 1 милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев – рече Мицкоски.

Како што вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, потоа во март 2016 година, Зоран Заев донел решение за промена на инвеститор, каде што наместо Сашко Брндевски, нови инвеститори на станбената зграда се двете наведени фирми.

– Ова е случај каде Зоран Заев продал земјиште на кое денес таму гради братот Вице Заев. Таму се градат згради, а личните заработки се огромни и се бројат во милиони евра. Остануваат прашањата како тоа токму братот и братучедот на премиерот ја добил дозволата да гради на тоа место, дали ги искористил повластувањата на функцијата на Зоран Заев тогаш градоначалник на Струмица, дали тоа не е конфликт на интереси и целосен морална дисторзија – рече Мицкоски и побара Јавното обвинителство да испита дали се работи за постапка каде однапред се знае добитникот на парцелата, под кои услови е отстапено правото на градење, како и да го испита потеклото на парите на Брндевски – околу 700.000 евра – кои се уплатени на сметката на општината.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...