Мицкоски: Во општините со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ реализирани се 10.359 проекти

Во општините со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, реализирани се преку 10.359 проекти од инфраструктурата, образованието, индустријата, спортот и секојдневниот живот, информираше денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека „градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во своите општини изградија и реконструираа преку 2.170 улици и патишта, односно беше поставен преку 1.750 километри нов асфалт.“

– Се заменија или поставија нови водоводни и канализациони мрежи во должина од 700 километри, а во вредност од 68 милиони евра. Во соработка со владата, во општините каде што градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите четири години се изградија 33 нови основни и средни училишта, а се реконструираа преку 290. Беа изградени 28 нови градинки, а се реконструираа преку 85. Се изградија 24 спортски сали и 399 повеќенаменски игралишта низ цела Македонија, 57 плоштади и 142 паркови – , изјави Мицкоски.

Тој кажа дека во претстојниот период сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат отчет за својата работа.

– Како и на сите изборни циклуси досега така и сега, кандидатите за градоналници на ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори ќе излезат со реална програма исполнета со прецизни рокови, детали и потребни средства за реализација на она што ќе ви го ветиме и она за што ќе ни ја дадете довербата – додаде Мицкоски.