!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Мицкоски: Инвеститорите ќе нè заобиколат поради објавување на висината на субвенциите


       
Скопје, 30 август, 2017 - 17:41 (META) 

Владата на вчерашната седница донесе одлука за декласифицирање и за објавување на субвенциите што им се даваат на странските инвеститори во Македонија, потег кој ќе влијае на потенцијалните инвеститори и на нивните намери да дојдат во земјава да инвестираат, изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека не е никаква тајна, ниту е незаконски тоа што Македонија, како и повеќето земји низ светот што се борат за странски инвестиции, дава субвенции по некаква основа.

– Давањето субвенции било во согласност со закон и даде огромни резултати во намалување на невработеноста, отворањето нови работни места, зголемување на извозот, пренос на технологии и знаење, обезбедување работа за домашните компании, како и за доставувачи или партнери од различен вид. На крај, резултираше со зголемување на индустриското производство, раздвижување на економијата, зголемување на конкурентноста и со пораст на севкупниот домашен бруто-производ – изјави Мицкоски.

Според него, постои огромна конкуренција при привлекувањето на инвеститорите, вклучително и во сегментот на субвенциите.

– Компаниите кои доаѓаат, не посакуваат јавно објавување на нивните договори и приходи врз основа на субвенции, а тоа не ѝ одговара ни на државата. Понекогаш кога конкуренцијата на земји за еден инвеститор е голема и силна, а неговата важност огромна, субвенциите се поголеми, а некогаш може да се успее и со помали субвенции, тоа е предмет на преговори, а во поретки случаи се успева и без субвенции – додаде Мицкоски и нагласи дека наместо во Македонија, земји на инвестирање ќе бидат Бугарија, Србија, Албанија, Романија, Турција, Унгарија и Чешка.