fbpx

„МИТ Технолоџи ривју“ рецензира студија на македонски научници

-

Студентката Верица Лазова и нејзиниот професор Ласко Баснарков од Факулетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), нашле нов начин да го искористат популарниот алгоритам за рангирање на интернет-страници на „Гугл“, овојпат за правење ранг-листа на најдобрите фудбалски репрезентации на сите времиња.

Рецензија на нивната студија пред десетина дена објави престижниот портал „МИТ Технолоџи ривју“(MIT Technology Review).

За да создадат комплетно рангирање на националните фудбалски селекции, Лазова и Баснарков ги користеле резултатите од дваесетте Светски првенства (Мундијали), почнувајќи од првиот турнир во Монтевидео (Уругвај) во 1930 година до последниот одигран, летото минатата година во Бразил.

Тие тргнуваат од претпоставката дека еден тим треба да биде високо рангиран доколку победил други високо рангирани тимови.

Македонските научници ги зеле резултатите од повеќе од 7.000 натпревари, одиграни помеѓу 210 земји. Тие потоа креирале мрежа во која тимовите се јазли, меѓу кои постојат врски доколку играле еден против друг. Јачината и поларитетот на врските зависи од резултатите, кој кого победил итн. На крајот, Лазова и Баснарков го применуваат алгоритмот за рангирање за повеќе повторувања за да го направат рангирањето.

Резултатите што ги добиле се интересни за секој вљубеник во фудбалот, пишува „МИТ Технолоџи ривју“ (MIT Technology Review).

Најдобро рангиран тим е Бразил, што не е изненадување, бидејќи е единствениот тим што учестувал на сите Светски првенства и има освоено најмногу титули, вкупно пет. По Бразил, следуваат Италија, Германија, Холандија, Аргентина, Англија, Шпанија, Франција и Чехословачка, по овој редослед.

Лазова и Баснарков својата ранг-листа потоа ја споредиле со „вечната“ листа на светската фудбалска организација ФИФА и забележале сличности, но и битни разлики. Бразил е, секако, прв на двете листи, но Холандија е осма на ФИФА-листата, а на нивната е четврта. Репрезентацијата на Данска, пак, е седумнаесетта на нивната, но дваесет и петта на „вечната“ листа на ФИФА. Од друга страна, репрезентацијата на Чехословачка воопшто ја нема во рангирањето на ФИФА, откако државата престана да постои во 1993 година.

Како што се наведува во рецензијата на „МИТ Технолоџи ривју“, студијата е интересен пристап кој ја покажува корисноста на алгоритамот за рангирање на „Гугл“, кој овозможува рангирање во помалку или повеќе секоков тип мрежи.

„Очигледно, овој пристап може да се користи за креирање слични рангирања за американски фудбал, кошарка, крикет или, помалку или повеќе, за секој спорт“, се вели во рецензијата.

Алгоритмот за рангирање на интернет-страниците стана еден од најпознатите во компјутерската наука. Тој бил направен за рангирање интернет-страници според нивното значење според нејзината поврзаност со други важни страници. Алгоритмот работи броејќи ги врските до одредена интернет-страница и значењето на страниците од каде доаѓаат врските. Со процес на итерација алгоритмот создава ранг.

Алгоритмот бил развиен од основачите на „Гугл“, Лери Пејџ и Сергеј Брин, во средината на 1990-те години, а истражувачите почнале да го користат за рангирање врски во други мрежи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...