fbpx

Мирен почеток на изборниот ден со помали нерегуларности, оцени „Цивил“

-

Претседателот на невладината организација „Цивил“, Џабир Дерала, утринава на прес-конференција рече дека почетокот на изборниот ден бил мирен, со низа помали нерегуларности, односно технички проблеми со кои се соочуваат избирачките одбори.

Посочи дека во текот на вчерашниот ден регистрирале повеќе од 20 случаи на прекршување на изборниот молк и тоа во Велес, Ресен, Скопје, Штип, Тетово и во Гостивар.

– Се лепеа плакати во една општина, имавме случаи во кои детектиравме СМС-пораки со содржина што го крши изборниот молк, кои беа испраќани на многу телефонски броеви. За поздравување е одлуката на општинската изборна комисија на Ресен по откривањето на двете ливчиња во избирачкото место 1631 во Јанковец, кои имале ист сериски број, да ги пребројат сите гласачки ливчиња во општината, меѓутоа веќе денеска забележуваме дека гласачките ливчиња не се насекаде со ист квалитет – рече Дерала.

Во општина Аеродром на неколку избирачки места, нагласи, ливчињата не се добро перфорирани и избирачкиот одбор мора да ги сече со ножици за да им ги дава на гласачите, што во неколку избирачки места предизвикало голема турканица. Појасни дека според пријавените случаи од нивните набљудувачи, УВ-ламбите не работат во повеќе од 20 избирачки места.

– Има луѓе кои не се прснати со спреј, значи можат да гласаат повторно доколку сакаат. Нашите набљудувачи кои се во состав на структурата на „Цивил“, а доаѓаат и од организацијата „Инклузива“, ни јавуваат дека папки за слепи лица нема на сите избирачки места, поточно на шест избирачки места во Гостивар недостигаат тие папки – истакна Дерала.

Тој рече дека се врши евиденција на гласачи во две општини од функционери на одредена партија, кои ги евидентираат гласачите кои доаѓаат за потоа со очигледна намера да се продолжи со мобилизација и со притисок, што, како што појасни, е прекршување на изборниот молк.

Според нивните извештаи, во Ресенскиот Регион имало обид за поткуп од 4.500 денари на двајца членови на едно семејство, кои не ги прифатиле парите и ја информирале полицијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.