fbpx

Министерството за култура жали за одлуката на Лешоски и го брани решението за „Танец“

-

Министерството за култура жали поради одлуката што ја донесе Дарко Лешоски да се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, но порачува дека за тоа место ќе се избере некое слично решение. Во однос на назначувањето на новиот в.д. директор на националниот ансамбл „Танец“, во Министерството не гледаат ништо спорно и велат дека Стојанче Павловски е назначен законски.

– Навистина ни е жал што се повлече Дарко Лешоски. Нашата намера со промените во раководствата и во управните одбори на многу национални установи од областа на културата, беше да го прекинеме ланецот на можни злоупотреби, но и во овие институции и манифестации кои се одвиваат во децентрализиран амбиент, да внесеме луѓе кои подобро го разбираат локалниот контекст. Сметавме дека Лешоски кој доаѓа од тој крај, а освен тоа има еден автентичен и смел авторски поетски опус, ќе внесе една свежина и ќе и помогне на оваа манифестација да кореспондира повеќе со современите текови на овој ввид на уметничко изразување – изјави за „Мета“ Петрит Сарачини, советник во кабинетот на министерот за култура.

Тој вели дека Министерството при донесувањето на новото решение ќе ја земе предвид целата дебата што се случуваше во јавноста и врз основа на критиките и забелешките на јавноста, ќе донесе кадровско решение за позицијата на прв човек на Струшки вечери на поезијата.

– Ќе донесеме соодветно решение врз основа на нашите сознанија, но не откажувајќи се од нашите заложби за децентрализација на културата и за внесување на нов дух во нашата култура – нагласува Сарачини.

Одговарајќи на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека за в.д. директор на „Танец“ е назначен Стојанче Павловски, кој има завршено само средно градежно образование, Сарачини вели дека сè e според законот.

– Единствениот критериум што го пропишува законот за именување на в.д. диреетори е тие да доаѓаат од самиот колектив, од редот на вработените. Нема никаков критериум за формално образование. Инаку, Стојанче Павловски е 28 години член на ансамблот, го носи звањето „истакнат играч-солист од прв ред“, добитник е на многу признанија, автор на кореографија, бил заменик-раководител на овој ансамбл, изиграл стотици концерти низ цел свет и нашиот став е дека одговара на сите критериуми што некој би ги барал – вели Сарачини.

Тој нагласува дека кога станува збор за в.д. директорите, нивниот мандат ќе изнесува најмногу 6 месеци, а по изборите ќе има конкурси на кои ќе може да се пријават сите, вклучително и лица надвор од институциите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Атлантик: Со среќа во борбата против дезинформации

Угледниот американски магазин Атлантик објави опширен напис, во авторство на Квинта Џуресик, со наслов „Со среќа во борбата против дезинформациите“. Сторијата се однесува на Ник Сојер, доктор во Калифорнија....