Министерката за правда најави нов модел на антикорупциска комисија


       
Скопје, 3 јули, 2018 - 12:55 (META) 

Во Министерството за правда е формирана работна група којашто работи на измените на Законот за спречување корупција, а наскоро се очекува и нов модел на aнтикорпуциска комисија, соопшти министерката за правда Рената Дескоска на Втората сесија на Работната група – III (Првосудство и основни права – Поглавјето 23) од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија (НКЕУ-МК) која се одржа во Клубот на пратениците во Скопје.

-Идејата е новата комисија да биде составена од експерти, луѓе коишто немаат политичка афилијација, а тоа го сметаме за некој вид предност – знаењето, но и политичката неврзаност како предност во смисла на исполнувањето на овие задачи коишто оваа антикорупциска комисија треба да ги има. Во рамки на оваа работна група покрај моделот на антикорупциска комисија, се разгледуваат и надлежностите на овој орган бидејќи ефективни надлежности но и јасни законски норми ќе бидат секако придонес кон подобро вршење на активностите на овој орган во рамките на своите надлежности- потенцираше Дескоска.

Говорејќи на темата „Механизми за ефективна борба против корупцијата“, таа рече дека ќе се преиспита и законот за лобирање. Дескоска се осврна на реформите во судството при што истакна дека пред судството стојат две задачи: да се бори со корупцијата во другите органи, но и да се бори со корупцијата во своите редови.

-Корупцијата не е само примање на парични надоместоци или подароци, корупцијата е отсуство на сите видови влијанија во носењето на одлуките и тоа е особено битно за судството, бидејќи кај нив е изрично пропишано дека мора да судат врз основа на Уставот и законите во Република Македонија, што за жал не секогаш беше случај во изминатиот период – порача министерката за правда.