Милошоски: СЈО врши притисок врз пратениците за да гласаат за уставните измени


       
Скопје, 16 октомври, 2018 - 12:30 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по распитот во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за случајот „Моќник“ денеска обвини дека тој распит и распитите на 15 негови колеги – пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се притисок за тие да гласаат за уставните измени.

– По неуспешниот референдум, околу 15 мои колеги пратеници, меѓу кои и јас, се повикани од страна на Специјалното јавно обвинителство за разни предмети. Со тоа се покажува дека Обвинителството има своја политичка намена, односно сите овие случаи и постапки и распити имаат за цел да принудат дел од пратениците да гласаат против волјата на народот, односно за измена на Уставот на Република Македонија. Предметите не би ги коментирал во подробности, но би кажал дека истите се неосновани и самиот тајминг на покренување на предметите после пропаднатиот референдум навестува дека СЈО има селективна правда и е политичка институција што сака да изврши притисок врз поголем дел на пратениците од опозицијата да гласаат за уставните измени- изјави Милошоски.

Тој рече дека нема да потклекне под притисоците и ќе гласа според тоа како се определил народот на референдумот, односно „против“.

Инаку, Милошоски е првообвинет во случајот на СЈО против вкупно 13 лица, меѓу кои се и неговиот татко и тогашниот градоначалник на општина Македонски Брод, како и поранешниот прв лустратор Томе Аџиев.