fbpx

Милошоски ги скара Коѕиас и Кумуцакос

-

Грчкото министерство за надворешни работи и Нова демократија се скараа околу случајот со поранешниот шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски. Откако единствената формална грчка реакција на говорот на Милошоски пред карта со Македонија со егејскиот дел беше преку твитер-порака, поранешниот европратеник и одговорен за надворешна политика во Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, реагираше дека министерството не си ја врши работата како што треба и наместо да испрати дипломатска нота, само пишува итри коментари на „Твитер“.

Оваа реакција даде основа за продлабочување на кавгата околу тоа како министерството треба да си ја врши својата работа. Грчкото МНР реагираше на коментарот на Кумуцакос со официјално соопштение, кое не беше воопшто поврзано со Милошоски, туку со обидот за мешање на Кумуцакос. Од грчкото МНР реакцијата на Кумуцакос ја критикуваа како неумесна и како обид за внатрепартиско докажување на сметка на државната дипломатија. Го критикуваа дека не успеал да ги протолкува и да ги разбере пораките во надворешната политика поради стресот од внатрепартиската конкуренција и од докажувањето во Нова демократија. Во соопштението дополнително му се забележува дека ваквиот коментар не е на место, особено од човек кој доаѓа од секторот дипломатија. Министерството истакнува дека тие реагираат според протокол и формално, без никакви фанфари и гласни докажувања.

По нивното соопштение, следеше и соопштение од Кумуцакос, кој, за потсетување, долг период беше и потпарол на грчкото министерство за надворешни работи. Во писмото Кумуцакос реагира дека министерството не се однесува според стандардите на европската дипломатска практика и дека по 24 часа министерството реагирало, издало официјално соопштение кое, сепак, воопшто не е поврзано со, како што вели, новата провокација на македонскиот политичар, туку е напад на грчката опозициска партија. Според Кумуцакос, наместо министерството да реагира на соодветен начин преку протестна нота и реакција до посредникот Метју Нимиц, тоа ја напаѓа Нова демократија.

Кумуцакос коментира дека реакцијата на „Твитер“, па и соопштението на грчкото МНР не го информираат воопшто грчкиот народ како министерството планира да реагира за националистички однесувања од страна на заменик-претседателот на македонското Собрание.

Поранешниот европратеник коментира дека соопштението е со партиски карактер и упатува личен напад, а истовремено покренува и друго сериозно прашање за тоа кој стои зад него и што говори ова за начинот на кој функционира министерството.

„Дали е соопштението од прес-службата или чиновник како портпаролот на министерството? Ако да, тогаш се работи за кршење на етичкиот кодекс и на практиката што се следи со години, односно чиновниците да не се мешаат во партиски и политички расправии. Ако авторот не е чиновник, тогаш тоа значи дека мкинистерот за надворешни работи немал храброст да го потпише соопшението“, вели во соопштението Кумуцакос, коментирајќи дека сите потези на грчкото МНР се под стандардната практика и традиција на однесување.

Пратеникот на Нова демократија побара од шефот на дипломатијата, Никос Коѕиас, да го информира грчкото собрание за надворешната политика која се следи и да престане да ги игнорира барањата јавно да се говори за оваа тема како што се правеше изминатите шест месеци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ангеловска-Бежоска: Земјите од Западен Балкан годишно губат 18 отсто од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на...