Мијатовиќ од денеска нова комесарка за човекови права на Советот на Европа


       
Брисел, 3 април, 2018 - 10:16 (META) 

Поранешната претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, од денеска ја презема должноста комесар за човекови права на Советот на Европа и е првата жена која е на таа функција.

Мијатовиќ изјави дека нејзин приоритет ќе биде да се обезбеди примена на постоечки норми и почитување на човековите права и додаде дека за тоа е потребна политичка волја но и ангажирање на целото општество.

„Имам за цел да ја продолжам работата на претходните комесари и да ја одржам способноста на оваа институција, брзо и ефикасно да реагира во заштитата на човековите права. Верувам дека човековите права се универзални и ниту една земја не е надвор од нив“ , изјави Миајтовиќ.

Таа оцени дека најважно е да се постигне повторна афирмација и посветеност на човековите права и да се врати довербата во нивната важност.

Таа беше избрана од Советот на Европа на јануарското заседане и го наследува Нилс Муижниекс, а мандатот и трае шест години.