Мијалков и Тачи во судот ги слушаа „бомбите“ за изборните нерегуларности


       
Скопје, 6 јули, 2018 - 12:11 (META) 

Две „бомби“ беа пуштени на судењето за случајот „Титаник 2“ на СЈО, во кој меѓу обвинетите за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година се и Сашо Мијалков и Мендух Тачи.

Првата бомба, која веќе беше објавена во јавноста, открива разговор меѓу Мијалков и Тачи.
Сашо Мијалков, како тогашен директор на УБК му се јавува на лидерот на ДПА, Тачи и бара од него услуга за гласање на седница на ДИК.

– Ало, хитна ургенција. Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица – му вели Мијалков, на што Тачи му одговара „нема проблем, секогаш сум тука за тебе, за вас, до крај до смрт“.

Потоа лидерот на ДПА веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими, член на ДИК од ДПА.

– Ало, сега ја имате Струмица. Ќе гласаш да се поништи, пошто сме договорени за Чаир – му вели Тачи на Ибраими за изборот за градоначалник на Струмица, каде во прв круг Зоран Заев од СДСМ го победи Васил Пишев, но ДИК го поништи гласањето.

Ибраими пред судот рече дека тој имал факултет, две деца и поради тоа нелогично е да се мисли дека на 63 години прима наредби.

Следното рочиште е закажано на 23 август каде на предлог на СЈО треба да сведочат Виолета Дума, Борис Кондарко, Субхи Јакупи и Васил Крстев.

Во овој случај покрај Мијалков, Тачи и Ибраими обвинети се и поранешните членови на ДИК, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Сите обвинети, освен Мијалков, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а ексдиректорот на УБК ќе одговара за кривичното дело примање награда за протизаконито влијание.