Мигрантските рути се затворени, владите во регионот ќе разменуваат информации


       
Скопје, 4 април, 2018 - 13:55 (META) 

Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) ги поддржува шесте влади од Западен Балкан, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија во усогласување на правната рамка со законодавството на Европска Унија, во изградбата на институции и персонал, како и размена на информации за мигрантите кои поминуваат низ овие држави.

На денешната презентација на МАРРИ, беше истакнато дека како делуваат на повеќе подрачја како азил, интегрирано гранично управување, визен режим, интеграција на бегалците, борбата против трговијата со луѓе.

– Ги поддржувме шесте влади за подобро да управуваат со миграцијата. Тоа е условено со евроатлантската перспектива на државите од регионот, а како членки на Обединетите Нации, одредени документи се обврзувачки. Државите исто така треба да имаат побрза соработка во размената на комунакции – изјави директорката на МАРРИ, Тамара Ругоша.

Иако рутата за мигрантите е затворена, сепак тие користат илегални премини преку државите од регионот за влез во државите од Европската Унија. Притоа, додаде Ругоша, постои опасност од нелегална трговија со луѓе, криумчарење на деца, трговија со органи.

Во следните две години, како предизвик за МАРРИ меѓудругото ќе биде и подигање на свеста во регионот од опасноста за криумчарење. Па оттука, граничните служби, посебно на аеродромите, ќе бидат обучувани од страна на Европската гранична служба, Фронтекс за препознавање на деца кои се жртви на криумчарење.

– Во моментов рутите се затворени, но опасноста од Блискиот Исток се уште ја има. Затоа овој период е потребно да превенираме. Кога беше кризата, на македонската и на српската граница имаше по 20.000 мигранти, а тоа навистина е тешко да се изменаџира. Властите овде и во Србија покажаа дека имаат капацитет за справување, но тој треба да се подобри и да биде поефикасен. Ние сме овде и да ги поврземе владите со донаторите, за тие да не трошат пари од буџетот. Имав информација дека вашата држава, ја чинело 50.000 евра дневно за регистрација, сместување, организација на мигрантите. Тоа е голем притисок – додаде Ругоша.

Во 2015 и 2016 година, низ територијата на Западен Балкан поминале еден милион бегалци.