Мичел: Учествуваме во процесот за името, но САД не можат да донесат одлука место вас


       
Скопје, 13 март, 2018 - 15:15 (META) 

Моменталните услови за решавање на спорот за името се подобри од било кога, но САД нема да го решат проблемот место вас, истакна помошникот државен секретар за европски прашања на американскиот Стејт Департмент, Вес Мичел, на прес-конфренција по заедничката средба со премиерот Зоран Заев.

– САД го поддржуваат патот на Македонија во реформите. За спорот со името сакам да кажам дека САД ги поддржува двете земји за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Моменталните услови се подобри од било кога. Мислам дека Македонија направи значителни чекори во таа насока и среќни сме дека е постигнат напредок – рече Мичел.

Премиерот Заев истакна дека го информирал Мичел за најновите моменти од разговороите за спорот за името дека и дека е важно и понатаму да се гради довербата помеѓу двете држави.

– Очекуваме во април Европската комисија да даде чиста препорака за почеток на преговори, а Советот на ЕУ во јуни да донесе одлука за отпочнување на преговорите. Друга наша цел е Македонија да стане 30 членка на НАТО – рече Заев.

Прашан како ќе влијае спогодбата која што шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас ја подготвува, Заев потенцираше дека процесот е под раководство на ОН и Метју Нимиц.

– Секој документ кој што ќе дојде од било која страна и би бил од помош за конечно решавање е вреден за разгледување е добредојден. Ако не е од помош, тогаш е важно само она што доаѓа од медијаторот Нимиц – додаде Заев.

На прашањето дали доколку е потребно американската дипломатија ќе се вклучи во процесот на решавање на спорот, Заев рече дека очекува помош од стратешките пријатели на Македонија, но на принципиелен начин.

Мичел истакна дека САД се вклучени во процесот, но дека единственото трајно решение е она кое ќе го постигнат двете страни.

– САД се вклучени веќе некое време и ќе бидеме вклучени. Ќе нè видите посветени на процесот, но единственото прифатливо решение е она кое ќе го постигнат двете страни. Ова не е одлука која ние може да ја донесеме место вас – рече Мичел.