fbpx

„Метаморфозис“: Новиот закон за информации од јавен карактер да го смали рокот за одговор на 15 дена

-

Рокот за давање одговор на барање според законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, наместо 20 дена, како што стои сега во предлог-законот, треба да биде 15 дена, а обидот со овој текст да се дефинира јавниот интерес е контрапродуктивен, и примената на тестот на штетност, кој е дефиниран како задолжителен во новото решение за овој закон, треба да се користи за проценка на (не)постоењето на јавниот интерес, без притоа тој да се дефинира со закон.

Тоа се дел од забелешките што Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ги изнесува за предлог текстот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Метаморфозис“ го поддржува процесот на носење на нов Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер со кој ќе се обезбеди поефикасна заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер како човеково право, но сепак смета дека дел од предложените решенија би требало да се преработат.

Како една од поголемите придобивки се смета ставањето на информациите за приходите и расходите на партиите во категоријата Информации од јавен карактер, што е предвидено во членот 1, став 1 од предлог-текстот за новиот закон, кој е на јавна расправа.

„Дефинирањето на политичките партии како иматели на информации од јавен карактер во делот на приходите и расходите е една од клучните позитивни новини во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сметаме дека статусот на јавни информации кој им се дава на информациите поврзани со финансирањето на политичките партии со средства од буџетот е од исклучителна важност за зголемување на транспарентноста на начинот на трошење на јавни пари од страна на политичките партии“, порача Фондацијата.

Сепак, оттаму сериозни забелешки упатуваат на обидот со новиот закон строго да се дефинира јавниот интерес, што е содржано во член 3, став 1, алинеа 7 текстот.

„Дефинирањето на јавниот интерес преку таксативно набројување на седумте случаи во кои остварувањето на пристап до информации ќе се смета за јавен интерес, не дава јасно до знаење дали во случаите различни од наброените ќе се применува тестот на штетност како механизам за проценка за (не)постоење на јавнен интерес. Самиот обид да се дефинира јавниот интерес со закон не го препорачуваме поради тоа што секое дефинирање на јавниот интерес носи ризик за ограничување во остварувањето на човековите права. Со цел избегнување на ограничена интерпретација на оваа дефиниција, предлагаме примената на тестот на штетност кој е дефиниран како задолжителен да се користи за проценка на (не)постоењето на јавниот интерес, без притоа истиот да се дефинира со закон“, порачува „Метаморфозис“.

Од друга страна, деталното дефинирање на информациите од јавен карактер, според членот 10 од предлог-законот, е позитивна промена.

„Деталното дефинирање на информациите преку нивно набројување во овој член го сметаме за соодветен начин на имателите да им се помогне во дефинирањето на листата на информации од јавен карактер. Дополнително, покрај обемот на информациите, нивната достапност на интернет страниците на имателите ќе придонесе за намалување на бројот на барања за слободен пристап кои ќе стигаат до имателите, а со тоа ќе им даде можност да бидат поефикасни во вкупната имплементација на законот“, посочува „Метаморфозис“.

Но покрај позитивните промени, има и несоодветни решенија, а едно од нив е рокот за добивање одговор од сегашните 30 да се скрати на 20 дена. Доколку навистина се сака да се зголеми транспарентноста, тој рок во иднина би морало да биде само 15 дена.

„Скратувањето на рокот за одговор по барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер од 30 на 20 дена е промена за која сметаме дека нема значајно да придонесе во подобрена имплементацијата на законот, особено земајќи ги предвид новинарите како баратели на информации од јавен карактер. Нашата препорака е рокот да биде 15 дена. Дополнително, Владата на Република Северна Македонија во својот план за работа 2017-2022 година се вели дека заради зголемување на транспарентноста, целосно ќе го имплементира концептот на отворена влада, согласно Партнерството за отворена влада (Open Government Partnership) ќе предложи законски измени за преполовување на законскиот рок за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер од 30 на 15 дена“, се вели во забелешката од „Метаморфозис“ за член 21, став 1 од предлог-текстот за нов закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Фондацијата на крајот порачува и дека промената предвидена во член 31, односно сегашната Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер да се претвори во агенција, како инокосен орган е позитивна промена, која во практиката би донела придобивки посебно во поглед на жалбената постапка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...