„Метаморфозис“ го започна проектот „ДАТА“ за анализа на податоци за транспарентност и отчетност


       
Скопје, 3 април, 2018 - 16:44 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ го започна проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability (Анализа на податоци за транспарентност и отчетност) во кој посебен тим за визуелизации на податоци работи директно со новинари и активисти од граѓанскиот сектор.

Целта на проектот е да се влијае врз начинот на кој новинарите и граѓанските здруженија работат со податоци, односно преку новинарство базирано на податоци да се обезбеди целосно почитување на професионалните и етички стандарди, но и да се создаде додадена вредност преку иновативен начин на презентација на резултатите од анализата на податоците.

Во рамки на проектот е предвидено да се организираат и неколку дводневни обуки за работа со податоци на кои ќе бидат поканети претставници на медиумите и граѓанските организации во Македонија. Првата обука ќе се одржи кон крајот на април во Скопје.

„Дата“ го објавија првиот сет на визуелизации кој се однесува на споредба на податоците од Индексот на перцепција на корупцијата кој го објавува „Транспаренси интернешнал“, како и податоците на Министерството за внатрешни работи на Македонија и Јавното обвинителство на Албанија за бројот на случаи на примање поткуп во двете земји.