fbpx

„Мета“ кај „Актор“: Никој ништо не знае, никој ништо не чул, сите работат

-

Градежниците на „Актор“, фирмата што го гради автопатот Демир Капија – Смоквица, воопшто не ни слушнале за корупцискиот скандал што ја потресе фирмата, а градежните активности се одвиваат во полн ек. Пред влезот има голема табла, на која пишува „Актор“ и информации за финансирањето на проектот, а во дворот – неколку десетици возила со грчки и со македонски регистарски таблички.

Пред седиштето нè пречека портирот и еден од обезбедувачите од фирмата „СГС“. Иако обезбедувачот ни рече да влеземе внатре, по некое време се премисли и нè остави да почекаме надвор додека тој провери дали има некој со кој би можеле да разговараме. По неколку минути ни рече: „Сите шефови се на терен, одете на градилиштето, можеби ќе најдете некој со кој би можеле да раговарате“.

На терен има неколку десетици работници, кои ни кажаа дека градежните активности се одвиваат со полна пареа.

– Се работи турбо. Само за време на поплавите имаше мал застој – рекоа работниците за „Мета“.

До градилиштето стигнавме по тесен каллив пат, по кој, во интервали од само неколку минути, поминуваа огромни камиони полни со градежен материјал. На градилиштето нè пречека шефот Васили, кој иако не разбираше македонски, љубезно нè прошета и ни го покажа теренот.

– Се работи цело време. Единствен проблем ни претставуваат временските услови – ни рече Васили.

Ни тука, на оваа локација, не знаеја ништо за скандалот поврзан со корупција при добивањето на тендерот.

Телевизијата „Телма“, повикувајќи се на извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објави дека во Грција била почната истрага против „Актор“ за наводен поткуп на официјални претставници од Македонија за да го добие договорот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Аферата „Актор“ во јавноста беше обелоденета во март минатата година, од опозцискиот СДСМ, чии претставници на прес-конференција презентираа документи и тврдеа дека грчки државјани, преку преставништвото на грчката фирма „Актор“ во земјава, подигале милиони евра во кеш од филијала на Стопанска банка во Неготино.

Грчката фирма „Актор“ го доби тендерот вреден 270 милиони евра за изграда на делницата Демир Капија – Смоквица, кој е дел од меѓународниот Коридор 10, иако понудата на грчката компанија беше за околу 40 милиони евра повисока од тие на конкурентите.

Според информациите на СДСМ, парите биле извлекувани во повеќе случаи, а според сознанијата што ги презентираа тогаш, првите случаи биле регистирани кон средината на 2013 година.

„На 10 април 2013 година, 10 грчки државјани од оваа банка подигнале сума во вкупна вредност од 12,5 милиони денари! Секој од нив подигнал кеш по 1.250.000 денари. Во еден ден. Само 10 лица. Од иста банка“, посочија тогаш од СДСМ.

Вкупната сума на подгнати пари, според најголемата опозициска партија, изнесува 3,5 милиони евра.

СДСМ тврдеше дека парите не се излезени од државата.

По објавувањето на овие информации, во март лани, се огласи и Управата за финансиско разузнавање, која преку соопштение информираше дека во ноември 2013 година отворила предмет за овој случај и реагираше до СДСМ дека со изнесувањето на информациите ѝ штети на истрагата, која била во тек.

Упрвата за финансиско разузнавање до Јавното обвинителство достави извештај за сомнителните трансакции.

Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, кој деновите по објавувањето на аферата тврдеше дека до обвинителството не стигнале никакви пријави за случајот, по извесно време извести дека за случајот „Актор“, обвинителството отворило преткривична постапка, по што беа блокирани сметките на две фирми.

До каде е истрагата за случајот нема информации до ден-денешен.

Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на денешната прес-конференција, на која беа објавени материјали од тринаесеттата „бомба“, одговарајќи  на новинарско прашање  го повика јавното обвинителство да се произнесе во врска со случајот „Актор“.

-Предметот „Актор“ е само дел од криминалите на оваа злосторничка дружина. Се надевам дека обвинителството ќе превземе мерки и ќе го обелодени криминалот со „Актор“, рече Заев, додавајќи дека во спротивност ќе објави дополнителни материјали за овој случај, во некоја од идните „бомби“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...