Мета: Албанците и Македонците заедно да најдат решение со Грција


       
Струга, 28 април, 2018 - 18:03 (META) 

Албанците и Македонците заеднички да го решат прашањето за името со Грција, побара албанскиот претседател Илир Мета по денешната посета на Струга и средбата со градоначалникот Рамиз Мерко, јави Алсат-М.

Мета потенцира дека е оптимист дека ќе се дојде до решение пред самитот на НАТО во јули во Брисел.

-Името е прашање за кое Македонците и Албанците заедно треба да се согласат. Се надевам дека ќе има решение за сите и што ќе ги почитува и Македонците и Албанците и другите – посочи претседателот на Албанија.

Во однос на Законот за јазици кој претседателот на Македонија, Иванов, одбива да го потпише, Мета се надева дека ќе се надмине и тоа прашање.

-Ова прашање требаше да се реши од порано. Во секој случај мислам дека ова е многу добар закон што ќе се имплементира за многу брз период бидејќи волјата на оваа гарнитура е голема и решителна е да го имплементира за да се оди напред за подобар соживот – истакна Мета.

Албанскиот претседател вчера учествуваше во самитот на Процесот Брдо – Крањ, што во Скопје го организираше неговиот македонски колега Ѓорге Иванов.