This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Nov 13 22:28:37 2018 / +0000 GMT

Мерките против загадувањето на воздухот треба да почнат од домаќинствата




Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата, оцени академик Глигор Каневче на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

- Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата. Треба да имаат печки со висока ефикасност, да се подобри изолацијата на постојните домови и да се користат топлотни пумпи. Во индустријата, пак, треба да има пречистување со повисока ефикасност и горива со ниски емисии, да се подобри енергетската ефикасност, развој на енергетски екстензивни гранки, и да се воведат мерки за намалување на емисиите во градежништвото - предложи Каневче.

Проблемот не е во законите, смета академик Таки Фити, туку во нивната имплементација

- Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око - нагласи Фити.

Тоа, според него, им овозможува на компаниите да ги избегнуваат обврските за заштита на животната средина.

- Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже стоп – вели академик Фити.

Домаќинствата, односно греењето на дрва, и индустријата, особено производството на електрична и топлинска енергија, се најголеми загадувачи на воздухот по речиси сите параметри, што е документирано во десетици извештаи.

На пример, во последниот вкупен годишен извештај за состојбата на животната средина, објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање, стои:

„Согорувањето на дрва за затоплување во домаќинствата е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44 отсто до 63 отсто (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65 отсто“, стои во извештајот.

„Мета“ објави неколку стории и инфографици за стапката на смртност како резултат од загадувањето на воздухот, количеството на загаден воздух и за нецелосното функционирање на мерните станици.

Post date: 2018-11-03 08:54:58
Post date GMT: 2018-11-03 07:54:58
Post modified date: 2018-11-02 15:22:43
Post modified date GMT: 2018-11-02 14:22:43

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com