!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Меркел: Викендов итен состанок на ЕУ-лидерите поради Северна Кореја


       
Берлин, 5 септември, 2017 - 12:39 (META) 

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за викендот треба да разговараат за воведувањето додатни санкции кон Северна Кореја, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Таа додаде дека тој состанок треба итно да се организира, истакнувајќи дека тестовите што ги изведе Северна Кореја претставуваат флагрантно кршење на сите меѓународни услови.

– Говорам јасно и во име на целата влада: единствено е можно мирно и дипломатско решение – истакна Меркел.

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со претседателот на САД, Доналд Трамп, и тие ги повикаа ОН бргу да ги усогласат острите санкции против Северна Кореја.

Меркел и Трамп најновата нуклеарна проба со хидрогенска бомба ја осудија како „неприфатлива ескалација“.

„Германската канцеларка и американскиот претседател изразија став дека меѓународната заедница мора да продолжи да врши притисок на режимот во Северна Кореја и дека Советот за безбедност на ОН мора бргу да ги усвои санкциите“, се вели во соопштението на германската влада.