Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека е неприфатливо Унгарија да ја игнорира пресудата на Европскиот суд на правдата, според која Будимпешта мора да ги прифати бегалците во рамки на програмата на Европската Унија за нивно релоцирање.
– Неприфатливо е една влада да рече дека не ја интересира пресудата на Европскиот суд на правдата – вели Меркел за денешното издание на весникот „Берлинер цајтунг“.
Прашана дали тоа значи дека Унгарија мора да ја напушти ЕУ, Меркел одговори дека тоа значи дека е „погодено особено важно европско прашање“.
– Европа за мене е место во кое владеат законите – рече Меркел и додаде дека прашањето ќе биде разгледано на самитот на ЕУ во октомври.
Европскиот суд на правдата минатата недела го отфрли барањето на Унгарија и на Словачка да бидат изземени од програмата на ЕУ за задолжителни квоти за релоцирање бегалци кои стигнале од Грција и од Италија во други земји на ЕУ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека нема да го промени својот став, без разлика на пресудата на Европскиот суд на правдата.