МЕПСО вложува 4,6 милиони евра во трафостаницата „Дуброво“


       
Битола, 24 септември, 2018 - 13:45 (META) 

МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Дуброво“ при што ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година до сега.

„Овој комплексен проект опфаќа замена на примарна опрема (прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори) како и ревитализација на секундарната опрема на 400 киловати и на 110 киловати напонско ниво која вклучува: испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор и за управување како и системи за AC/DC развод и нов систем за мерење електрична енергија“, се вели во соопштението на МЕПСО.

Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ планирано е да трае три години. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.

„Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот конзумен регион Скопје. Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далекуводи кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Бугарија и на Грција“, се додава во соопштението на МЕПСО.