МЕПСО потпиша договори со пет компании за нови инвестиции во преносната мрежа


       
Скопје, 6 ноември, 2018 - 13:52 (META) 

МЕПСО денеска во Владата потпишa договори со пет компании за нови инвестиции во преносната мрежа во вкупен износ од 18 милиони евра.

Станува збор за модернизација и возобновување на преносната мрежа со што ќе се обезбеди стабилно и квалитетно снабдување со електрична енергија за граѓаните и бизнисот на долг рок, и ќе придонесе кон енергетски и економски развој на земјата.

– Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија. Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО – порача премиерот Зоран Заев.

Далекуводите кои се изградени пред 60 години, како и трафостаниците кои се исто така застарени, а се од особено значење за пренос на електрична енергија, ќе бидат обновени со нова опрема.

-Реализацијата на договорите кои денес се потпишуваат, ќе се одвива преку заем од ЕБОР, кој е земен уште во 2013 година. Станува збор за вкупни средства во висина од 23 милиони евра, од кои многу мал дел досега се реализирани, а денес се потпишуваат договори за вкупно 18 милиони евра. Минатата влада го земала заемот во 2013 година, во меѓувреме плаќала камати, а не реализирала проекти. Во последната година новото раководство на МЕПСО, објави нови тендери за сите проекти, кои беа заглавени и не имплементирани – потенцираше вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Компании коишто денеска потпишаа договори за реализација на инвестиции од 18 милиони евра во преносната мрежа се „Далековод“ и „Кончар“ од Хрватска, „Енергомонтажа“ од Србија, „Бенинг ПСАМ“ од Македонија и „Доко“ од Албанија.