МЕПСО ќе гради нов далекувод од Штип до Пробиштип


       
Скопје, 28 декември, 2017 - 11:33 (META) 

МЕПСО ќе инвестира 2,45 милиони евра во изградба на нов 110-киловолтен далекувод што ќе ги поврзува Штип и Пробиштип, информираат од компанијата.

Генералниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски и Ерион Муши, претставникот на конзорциумот изведувачи „Пинг гао груп“ од Кина и „Ндрекај“ од Албанија го потпишаа договорот за изградба на новиот далекувод.

„Далекувод што ќе ги поврзе трансформаторските станици „Штип“ и „Пробиштип“ ќе биде долг 27,2 километри. Овој линиски енергетски објект ќе се гради на истата траса на која сега поминува 110-киловолтен далекувод што ги поврзува двете трансформаторски станици и е во функција 45 години, од 1972 година. Изградбата на новиот далекувод ќе трае 12 месеци“, информираат од МЕПСО.

Во соопштението се додава дека, овој проект значајно ќе го зголеми капацитетот на преносната мрежа во источниот регион, а особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка.

Изградбата на нов далекувод меѓу Штип и Пробиштип е дел од проектот за ревитализација на преносната мрежа што опфаќа изградба на вкупно шест далекуводи од мрежата на МЕПСО.