Мемети: Полицијата го прекршила правото на имунитет при приведувањето на пратениците


       
Скопје, 28 декември, 2017 - 15:42 (META) 

Полицијата го повредила правото на пратeнички имунитет и начелото на презумпција на невиност при приведувањето на тројцата пратеници на 28 ноември, годинава, како дел од 36-мината осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, констатирал Народниот правобранител.

Според Омбудсманот, полицијата во случајов не го почитувала Правилникот за начин и вршење на полициски работи.

На денешниот брифинг со новинарите, народниот правобранител Иџет Мемети информираше дека ваквата состојба е констатирана по добиена претставка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

За Народниот правобранител е неспорно дека во случајот било постапено спротивно на член 19 од Правилникот за начинот и вршење на полициски работи, според кој, доколку лицето кое се приведува се повика на статусот имунитет полицискиот службеник по проверка на веродостојноста на таквиот статус ќе го прекине приведувањето и за тоа веднаш
ќе го извести непосредниот раководен полициски службеник.

Мемети информира дека е доставена препорака до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со која се бара да се спроведе целосна постапка за испитување на начинот на постапувањето на полициските службеници на 28 ноември 2017 година, да утврди одговорност и да се санкционираат прекршителите на правата на пратениците.

Омбудсманот дополнително смета дека е потребно да се постави и прашањето зошто судот издал наредба за приведување и претрес на лица кои уживаат имунитет, без претходно да им биде одземен.