fbpx

Mеѓусебни обвинувања меѓу Груевски и грчки европратеници во Стразбур

-

Европратеничката на Нова демократија, Марија Спираки, се соочи директно со премиерот Никола Груевски околу ставовите за недостигот од демократија и од демократски вредности на македонската влада. Спираки и Груевски се соочија на состанокот на парламентарната група на Европската народна партија во Европскиот парламент, на кој македонскиот премиер беше соочен со прашања од повеќе европратеници во врска со ситуацијата во Македонија. Спираки побара од него да објасни дали и понатаму, по сите случувања во Македонија, смета дека само името е проблем за нашето тапкање во место во однос на ЕУ.

Груевски, заобиколувајќи ја теоријата на Спираки за недемократско однесување на неговата влада, се фокусираше само на можноста за решавање на името. Премиерот ја префрли топката за застојот во преговорите за прашањето за името на грчка страна, обвинувајќи ја Атина дека поради преокупираноста со финансиските проблеми, го има ставено решавањето на името на „стенд бај“. Груевски забележа дека веднаш по изборот за премиер, Алексис Ципрас му се јавил да предложи забрзување на решавањето на името, додавајќи дека приоритетите на Грција во овој момент се поврзани со финансиската криза и разговор и средба ќе има кога ќе дојде време за тоа.

– Ние би сакале колку е можно побрзо да постигнеме договор за прашањето за името. Му се јавив на новиот премиер кога беше избран и освен што му честитав за победата, му предложив да го забрзаме наоѓањето решение, да дојдеме до некаков компромис. Тој рече дека во тој момент е фокусиран на финансиските проблеми и дека ќе се сретнеме кога ќе дојде време. Оттогаш досега не се јави, а официјалниот посредник, Метју Нимиц, во овој период не ги има посетено нашите земји и ни се нема јавено. Очигледно го чека периодот кога Грција ќе биде дефокусирана од финансиската криза, со која се соочува – изјави Груевски на парламентарниот состанок во Стразбур.

Тој истакна дека Македонија би сакала да има нормални и пријателски односи со Грција, која, сепак, не ја спомена по име туку како „нашиот јужен сосед“.

Со овој кус одговор, Груевски ги избегна сите прашања поврзани со политичката криза во земјава. Спираки, која постојано истакнуваше дека Македонија сè уште чека пред европските порти поради недостиг од демократија, непочитување на основните Копенхашки критериуми, непочитување на основните човекови права и владеењето на правото, со остри тонови побара од Груевски да одговори дали навистина верува дека македонската влада го почитува и спроведува Охридскиот договор во негова целост, како и да објасни зошто по последните избори опозицијата одбива да учествува во работата на македонскиот парламент.

Поранешната новинарка, која на последните евроизбори во Грција беше избрана за пратеник на Нова демократија во ЕП, побара објаснување и зошто опозицијата и голем дел од медиумите не веруваат дека е почната независна истрага за телефонските прислушувања во кои е вмешан и братучедот на Груевски, Сашо Мијалков.

– Веќе го имате обвинето, според медиумите, лидерот на опозицијата дека сака да ја преземе власта со поддршка на странски служби. Дали ова значи дека Вашите аргументи се во иста линија со теоријата на Лавров дека некој се обидува да ја дестабилизира Вашата држава поради вашето учество во гасоводот „Турски тек“? – праша Спираки.

Десничарската европратеничка, кратко по дискусијата со Груевски, на парламентарната седница на ЕП повторно обрна внимание на проблемите во Македонија, подвлекувајќи пред европратениците дека во Македонија има сериозен проблем со демократијата и со начинот на кој функционира земјата. Таа истакна дека европските институции треба да дадат препораки до државите во регионот за да се намали тензијата и да не дојде до нови проблеми. Остро забележа дека македонската влада не го почитува Охридскиот договор, не ги почитува правата на етничките Албанци во Македонија, не ги почитува ни другите малцинства, ниту медиумите, а нема ни направено чекори што ќе ги убедат опозицијата, медиумите и јавноста дека се прави независна истрага за телефонските прислушувања. Спираки уште посочи дека има информации дека заедно со Груевски во Стразбур е и Мијалков.

– По сè ова, зарем некој верува дека единствената пречка за почеток на пристапни преговори меѓу БЈРМ и ЕУ е спорот со Грција за името? Дали навистина сакаме да ја отвориме европската порта за држава која ги крши нашите основни принципи? – посочи Спираки, користејќи ја мможноста да спречи можно размислување за датум за преговори за Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...