Меѓуресорска комисија ќе решава за судбината на електраните Чебрен и Галиште


       
Скопје, 24 април, 2018 - 16:51 (META) 

На предлог на АД ЕЛЕМ, на денешната 65. седница на Владата била разгледана информацијата за текот и активностите за проектите за хидроелектраните Чебрен и Галиште. Притоа биле задолжени кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев и Министерството за економија да формираат меѓуресорска комисија, со претставници од повеќе министерства и државни претпријатија. Таа треба да подготви препораки за понатамошни активности за продолжување на проектот.

На денешната седница била разгледана и усвоена програмата за изменување на годишната инвестициона програма на хидросистемот „Злетовица“ и ребалансот на финансовиот план, а исто така разгледувале информација и донела заклучоци за кадровската екипираност на инспекциските служби, со план за нивно доекипирање.

На предлог на Министерството за култура министрите ја усвоиле предлог програмата за користење на средства за изградба на спомен обележје на Тоше Проески во Крушево со која средствата обезбедени во буџетот се префрлуваат на Општина Крушево.