Меѓународен самит за фотографи и за видеографи во Струга

Со учество на познати имиња од светот на фотографијата, од Полска, Тајван, Франција, Русија, Португалија и од домаќинот – Република Македонија, во Струга од 11 до 13 април се одржува првиот Меѓународен самит за фотографи и за видеографи.

Самитот е во организација на професионалното студио за фотографија „Ангеловски фотографи“ од Скопје.

На самиот има посебни програми за видеографи, со што лицата што се занимаваат со оваа дејност ќе добијат шанса да партиципираат заедно со нивните колеги, фотографите.
Главната активност е отворената дискусија за паралелата меѓу уметничката фотографија и колку преку оваа дејност може да се основа сопствен бизнис.

Учесниците учат нови техники и нови начини на пристап кон фотографијата, а за нив има и промоција на нови производи од фотографијата, видеографијата и од дигиталните медиуми.

Активностите се одвиваат преку предавања и работилници, додека за предавачи се ангажирани познати имиња од светот на фотографијата, како Грег Момен од Полска, Хуанг Сусу од Тајван, Дејвид Брено од Франција, Дмитри Усанин од Русија, Серџо Дуарте – кинематограф од Португалија, како и Бојан Митковски, Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски од Македонија.