Мечка рика по мечето низ Шар Планина, цело Беловиште во страв


       
Беловиште, 10 јули, 2017 - 15:24 (META) 

Со денови кружи околу селото и рика, веројатно си го бара мечето. Најмногу кога ќе почне да се стемнува. Страшно е и да се слуша, а камоли да помислиш што би било кога така гневна би пресретнала човек. А можеби се и повеќе мечки, сепак сме на Шар Планина, објаснува жител на тетовското село Беловиште, кое неколку дена живее во страв.

Како што објаснува тој, според најприсутната верзија во селото, животното што ги застрашува беловиштани е мечка чие мече наводно било заробено во некоја плевна, а потоа однесено од селото, па таа го бара. Но има и друга верзија, дека не станува збор за мајка која трага по чедото, туку за мечка која привлечена од отпадоците од трите многупосетувани ресторани се приближила до селото и сега сее страв. Но, вели, и тоа мора да се прифати со резерва, оти како што раскажуваат овчарите, има поприличо мечки по Шар Планина, па можно е и да се „довикуваат“.

– Не можеш сигурно да знаеш, не сме научници, а и мечките не носат дресови. Знам само дека мечка рика околу селото и страшно е да се слуша тоа. Најмногу од луѓето зборуваат дека и е земено мечето, и си го бара. Неколкумина виделе мечка, ама нема како да утврдиш дали виделе една мечка, или повеќе различни мечки. Оти очевидците се поголем број постари луѓе, кај кои видот не е како што им бил некогаш  – вели соговорникот.

Беловиште е планинско село, во кое има многу издвоени, оддалечени куќи, и нивните станари се соочуваат со најголема опасност од животното, посебно оние што живеат сами.

– Ако е така како што најмногу се слуша, ако навистина е мечка на која и е земено мечето, ако некој го најде и го врати, мечката ќе се смири. Инаку, не верувам дека и таа и ние ќе имаме мир. Ако е пак нешто друго во прашање, опасноста останува отприлика иста – вели жителот на Беловиште, село со голем број иселеници, главно во САД, од кои голем дел сега во селото ги минуваат летните одмори, кои се исто така загрижени поради опасноста да бидат нападнати од мечка.

Како што гласи најпрекажуваната верзија, пред неколку денови мечката се симнала до селото со двете мечиња, при што едното влегло во плевна и еден селанец го затворил. По ден или два мечето било однесено од селото. Како што се шпекулира, наводно било однесено во скопската Зоолошка градина.

Но во скопската Зоолошка градина велат дека кај нив не е донесено мече. Истото го кажаа и од битолската Зоолошка градина.

Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво, за „Мета“ објаснува дека ако навистина било така заробено, мечето е најверојатно продадено на диво на некој одгледувач.

– Ги има многу на Балканот и најверојатно е продадено на диво на некоја дива „зоолошка“ градина – вели тој.

Стојанов вели дека сега е неопходно да се преземат сите чекори за мечето да се пронајде и да се врати на неговата мајка. За случајот го алармирале и Државниот инспекторат за животна средина, за и официјално да се отпочне потрага по мечето.

Инаку, во селото сега главниот разговор на таа тема e за мечето кое пред некој ден прескокнувајќи ја оградата упаднало во двор на постара жена, која живее сама. Таа првин помислила дека е некое куче, но потоа кога му се приближила видела дека е мече, и му ја отворила портата за да излезе. Мечето не излегло, туку пак се прекачило преку оградата.

Дури и ако се покаже дека тоа што се случува во Беловиште не е гнев поради одземено мече, туку дека мечки, кои сепак на Шар Планина ги има во значителен број, се приближиле до селото во потрага по храна, опасноста за Беловиште останува. Посебно за жителите на издвоените куќи, поприлично далеку од главното јадро на селото, од кои голем број се самци.