fbpx

Масовноста на маршот ќе го потисне стравот од протести

-

Масовната посетеност на студентскиот марш значи почеток на промените, преставува чекор напред да се потисне стравот што владее во Македонија, а студентите се движечка сила која може да ги поттикне и другите слоеви на општестовото. Ова е ставот на експертите кои го проследија маршот и го подржуваат правото на студентите да протестираат и слободно да говорат.

Професорот по социологија на Универзитот на Југоисточна Европа, Али Пајазити, смета дека младешкиот елан е показател дека оваа популација може да ги поттикне и другите слоеви на општеството да ги филтрираат промените, а не само да ги прифаќаат.

– Студентскиот марш преставува еден многу позитивен чекор во времето на оваа депримирачка општествена клима, кога зборот го има и либералната демократија, која зборува со дискурсот на диктатот и партитократијата. Младешкиот елан уште еднаш е показател дека оваа популација може да ги поттикне и другите општествени слоеви да не ги прифатат нештата здраво за готово, да почнат да размислуваат со својата глава, секоја промена да не ја перципираат како позитивна, туку да ги филтрираат и да бидат ехо на промените што многу ни се рекламираат во владините проекти – вели Пајазити.

На дебатата посветена на измените на обврската за плаќање придонеси за хонорарните соработници во државата, присутните беа согласни дека студентите со храброста и со сплотеноста што ја покажаа на маршот ја отворија вратата и на останатите незадоволни граѓани во државата.

– Мислам дека по протестот на студентите, Владата нема да сака други протести и дека можеме прво да побараме средба со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов. Ако тоа не успее, мислам дека можеме да одиме на протест – рече на дебатата Здравко Савевски од здружението „Солидарност“.

Новинарката Мери Јордановска на конференцијата „Е-општество.мк“, на тема „Човекови права на интернет – Слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет“ рече дека оваа група на млади луѓе дава надеж, но дека загрижува фактот што поголем дел од тие што протестираа решија да зборуваат анонимно и да се кријат зад транспаренти.

– Надеж дава оваа маса на луѓе што по долги години се решија да излезат надвор и да кажат „не“ за реформите што ги предвидува државата во виското образование. Овие млади луѓе го користат своето право на протест и на слобода на говор. Тоа е чекор напред и мислам дека ќе го потисне стравот што владееше и сè уште влаадее во Македонија. Ова е една шанса да се излезе надвор и јасно и гласно да се каже што се мисли и да им се даде пример на идните млади генерации – рече Јордановска.

Професорката Билјана Ванковска на својот фејсбук-профил напиша дека е горда на студентите поради добрата организираност на маршот, кој помина без никаков инцидент и без говор на омраза.

„Две нешта кои ги сметам за многу важни: прво, на денешните протести излегоа најмалку трипати повеќе студенти од првиот протест; второ, на ниту еден протест немаше никаков инцидент, сè мина беспрекорно! Одлучно, гласно, громогласно, би рекла, ама без никакво насилство или говор на омраза! Затоа сум горда и чувствувам како огромен камен да ми паднал од душата! Младите положија испит од највисок ранг! Им симнувам капа. Говорници кои зборуваат од срце, со убеденост и со страст, ама и со горчина и со бунт (е тогаш навистина се испорасплакав – ете го доживеав и тоа!) Си сретнав прекрасни Сократовци, Ленкаши, и сл. Полицијата на пристојна оддалеченост, без никаков близок допир со демонстрантите. Заминував полека, а зад мене ечеше „Ова е почеток!“, пишува Ванковска.

Професорката од Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова, вели дека студентите покажаа сплотеност и дека тие се најсилната движечка сила во оваа земја.

„Народот беше сплотен и поблизок од кога било. Но, не само што власта не беше дел од таа сплотеност, а преку своите „медиуми“ ја навреди најсилната движечка сила во сопствената земја, студентите, нарекувајќи ги изманипулирани! Додека таа ѕиркаше, броеше и заокружуваше од зад лажните барокни стиропорни кулиси, на улиците се случуваше топлина, сила, љубов, верба, солзи. Власта тоа го крсти – манипулација!? Еден ден сите ќе разберат дека секој по своја желба и иницијатва може да го промени тоа што не го сака. Денеска студентите нè учеа наново да „паткаме“ за промени. Во еден миг посакав да се стопам, да се изгубам меѓу нив. Многу работи за мене паднаа во вода, засекогаш, а особено лажните авторитети, години наназад надувани. Вистинската почит не се создава од страв, а од храброст. Тоа екстерно го положивме денес“, вели Трпкова во дел од својот фејсбук-статус посветен на студентскиот марш.

C.A.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...