!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Марјан Лазовски, нов селектор на сениорската женска кошаркарска репрезентација


       
Скопје, 18 април, 2017 - 15:41 (META) 

Марјан Лазовски е назначен за нов селектор на сениорскиот национален кошаркарски тим во женска конкуренција, соопшти Македонската кошаркарска федерација.

По бројните ангажмани на клупски план како тренер, Марјан Лазовски пет години беше и дел од стручниот штаб на сениорскиот национален тим во машка конкуренција, а го предводеше како селектор во 2012 година на олимписките квалификации во Венецуела.

– Досега не сум работел во женска кошарка, но, според мене, разлика меѓу машката и женската кошарка не постои. Мислам дека имаме солиден состав, девојките се подисциплинирани, поисполнителни и поработливи. Со дисциплина и со добра игра, нема да изостанат ни резултатите, тоа е сигурно. Турнирот ќе ни служи за проверка на силите по три години пауза, а во квалификациите ќе влеземе без оптоварување за задолжителен пласман на Европското првенство – вели Лазовски.

Првиот собир сениорките ќе го одржат на 26 мај во Скопје, а како дел од подготвителниот период во пресрет на почетокот на квалификацискиот циклус, во ноември Македонската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнирот „Трофеј Македонија“ во женска конкуренција, каде покрај Македонија ќе учествуваат и националните селекции на Бугарија и на Босна и Херцеговина. Турнирот ќе биде своевидна проверка на силите на сениорките пред оформувањето на конечниот состав на кошаркарките што ќе го носат националниот дрес.

По три години отсуство од кошаркарската сцена, МКФ одново го активира сениорскиот национален тим во женска конкуренција, пријавувајќи ги сениорките за квалификациите за Европското првенство закажано за 2019 година.