Манифестацијата „Да пошараме до Пожаране“ привлече стотина планинари


       
Тетово, 5 октомври, 2015 - 12:47 (META) 

Стотина планинари ги освоија врвовите Голема и Мала Враца, а успешно беше извозена и велосипедската патека од Попова Шапка до Пожаране, во рамки на манифестацијата „Да пошараме до Пожаране“. Се организираше и посета на археолошкото наоѓалиште Долна Локва, а се одржа и велосипедска тура од Гостивар преку Вруток, Горно и Долно Јеловце, па сè до Пожаране.

– Чуството да се вози по ваква прекрасна планина е прекрасно, кој сака да биде здрав и да има успешни работни денови, мора да го практикува ваквиот начин на живот секогаш кога има слободно време – изјави Гоце Петроски, учесник на манифестацијата.

Целта на манифестацијата е популаризација на планиниските спортови, но и промоција на Пожаране како одлична локација за планинарење и за велосипедизам.

– Со оваа манифестација, сакаме да апелираме луѓето што почесто да се движат во планина. Истовремено, сакаме да го заживееме Пожаране, каде моментално живеат само 10 семејства, но полека дел од иселените почнаа да се враќаат во селото. Некои од нив се занимаваат со сточарство и со пчеларство – изјави Горан Ќироски, претседател на месната заедница во Пожаране.

Од месната заедница велат дека имаат направено и проект за пренамена на задругата во Пожаране во планинарски дом со сместувачки капацитет, за ова село да биде појдовна точка од каде планинарите би ги посетувале врвовите на Шар Планина.

Манифестацијата „Да пошараме до Пожаране“ се организираше од планинарските друштва „Бистра“ и „Трансферзалец“.

З.Д.