This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Jul 25 0:47:03 2017 / +0000 GMT

Мандатари и број на пратеници во независна Македонија - историски и графички преглед




Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, го доби петтиот по ред мандат за составување влада со парламентарна бројност од 51 пратеник во законодавниот дом. Ова нема да е првпат мандатот за формирање влада да го добие кандидат на партија која на избори освоила најголем број пратенички места, а нема мнозинство од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно минимум 61.

Груевски првиот премиерски мандат го доби по парламентарните избори во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои 45 пратенички места, а СДСМ  32 пратеника. Тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, му го довери мандатот на Груевски, кој формираше влада, коалицирајќи со ДПА, која имаше 11 пратеници, со НСДП на Тито Петковски (седум пратеници) и со ДОМ на Лилјана Поповска (еден пратеник). Иако не влегоа во владина коалиција, за тогашната влада на Груевски гласаа и шесттемина пратеници на ВМРО - Народна партија на претходниот лидер на ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.

Вака изгледал распоредот на силите во Собранието на Република Македонија во секој од шесте изборни циклуси за пратеници во Собранието, од 2002 до 2016 година.

partii broj na mandati po godini

Избори 1990 година

На овие избори, кои беа спроведени според мнозински модел и во два круга, најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ - 38, Сојузот на комунисти на Македонија - Партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП) или денешен СДСМ - 31, ПДП од албанскиот политички блок освои 17, Сојуз на реформски сили – 11 и Социјалистичката партија на Македонија - 4 пратеници.

Тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, мандатот за состав на влада прво му го даде на Љубчо Георгиевски, како лидер на најбројната партија во Собранието (со 38 пратеници), но тој го одби и го врати мандатот. Глигоров потоа мандатот за состав на влада му го  даде на Петар Гошев од СДСМ (со 31 пратеник), кој откако не успеа да формира влада, го врати мандатот, па претседателот, иако тоа не беше уредено со Уставот и со закон, му го даде на Црвековски, кој стана премиер на првата политичка влада на Македонија.

Избори 1994 година

Коалицијата Сојуз за Македонија предводена од СДСМ на овие избори освои досега недостигнати 87 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа вториот круг од изборите и не влегоа во Собранието, поради, како што тврдеа, сериозни нарушувања на изборниот процес. На изборите во 1994 година Партија за демократски просперитет во Македонија освои 10 пратенички места, Народна демократска партија – 4, Либерална партија - 5, а во собраниските клупи седнаа и 7 независни кандидати.

Претседателот Киро Глигоров мандатот за состав на влада му го даде на Бранко Црвенковски.

Избори 1998 година

ВМРО-ДПМНЕ на чело со тогашниот лидер Љубчо Георгиевски освои најголем број пратенички места во Собранието - 49, СДСМ (Бранко Црвенковски) - 27, Партија за демократски просперитет ПДП – 14, Демократска алтернатива на Васил Тупурковски – 13, ДПА (лидер Арбен Џафери) – 11, Либерално-демокрастка партија – 4, Социјалистичка партија на Македонија – 1, Сојуз на Ромите од Македонија - 1. Мандатот го доби Љубчо Георгиевски кој формираше влада во коалиција со Демократска алтернатива и ДПА.

Претседателот Киро Глигоров мандадот за формирање Влада му го даде на Љубчо Георгиевски.

Избори 2002 година*.

СДСМ со Бранко Црвековски како лидер освои 60 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ (со Љубчо Георгиевски) – 33, ДУИ (први избори) – 16 пратеници, ДПА (Арбен Џафери) – 7 пратеници, ПДП – 2, НДП – 1, СПМ – 1. Влада формираше СДСМ, со ЛДП (која беше дел од предизборната коалиција предводена од СДСМ) и со ДУИ.

Претседателот Борис Трајковски мандатот за состав на влада му го даде на Бранко Црвенковски.

*По трагичната авионска несреќа и смртта на претседателот Трајковски, нов шеф на државата стана

лидерот на СДСМ - Бранко Црвенковски, кој премиерската функција му ја препушти на Хари Костов,

кој пак по 5 месеци се повлече од функцијата и лидер на СДСМ и премиер стана Владо Бучковски.

Избори 2006 година

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ на чело со новиот лидер, Никола Груевски, (Груевски стана лидер на партијата во 2003 година) освои 45 пратенички мандати, СДСМ со Владо Бучковски како претседател на партијата освои 32 пратенички места, ДУИ – 17, ДПА (со Арбен Џафери) – 11, НСДП (Тито Петковски) – 7, ВМРО-НП (на чело со Љубчо Георгиевски) – 6, Демократска обнова на Македонија (ДОМ) – 1, Партија за европска иднина (ПЕИ) – 1.

Претседателот Бранко Црвенковски мандадот за формирање влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2008 година (предвремени)

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 63 пратеници (досега нивен најдобар резултат), СДСМ предводен од Радмила Шекеринска како претседател на партијата доби 27 пратеници, ДУИ – 18, ДПА со Мендух Тачи како партиски лидер – 11, ПЕИ – 1. Груевски повторно стана премиер, а наместо ДПА, првпат во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ влезе ДУИ, по т.н. Мајски договор меѓу Груевски и Али Ахмети, според кој победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок ја формираат владината коалиција.

Претседателот Бранко Црвенковски мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2011 година (предвремени) 

ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 5 јуни 2011 година освои 56 пратеници, СДСМ повторно со Црвенковски како лидер – 42, ДУИ – 15, ДПА – 8, Национална демократска преродба (НДП) на Руфи Османи – 2 пратеника. Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а мандатар, а потоа премиер по третпат стана Груевски.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2014 година (предвремени) 

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник, СДСМ со Зоран Заев како лидер доби 34 пратеници, ДУИ – 19, ДПА – 7, ГРОМ – 1, НДП – 1. Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а СДСМ и нивните коалициони партнери го бојкотираа новото Собрание и дејствуваа вонпарламентарно, поради, како што соопшти тогаш Заев, изборни манипулации и нерегуларности, односно кражба на изборите од страна на владејачката партија.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Груевски.

Избори 2016 година (предвремени) 

Најнеизвесните избори досега на кои ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3, ДПА – 2.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.