Манчевски: Контролата на прислушувањето е дел од реформите во судството и во УБК


       
Скопје, 28 септември, 2017 - 17:06 (META) 

Во четири различни приоритети од планот „3-6-9“ – Собрание, судски реформи, реформа во разузнавачките и безбедносните служби и борба против организираниот криминал и корупција, вклучени се мерки кои се однесуваат на следењето на комуникациите. Ова денеска го изјави  министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на промоцијата на студијата „Кон граѓанскиот паноптикон – Подобра рамнотежа меѓу заштитата на приватноста и потребата од следење на комуникациите“.

Манчевски се осврна на проблемот со масовното прислушувањето за кое е обвинета претходната власт и ги пренесе заложбите на новата Влада за воведување на силни заштитни механизми кои ќе спречат нелегално прислушување.

– Владата е свесна за огромната важност на соодветното нормирање на прашањата поврзани со следењето на комуникациите. Впрочем нема кој повеќе да биде, со оглед на тоа што ние бевме и главна цел на прислушувањето. И затоа, ми преставува особено задоволство што и граѓанските организации вложуваат значителни напори за надминување на предизвиците и отворените прашања поврзани со следењето на комуникациите – рече Манчевски.

Тој нагласи дека овие мерки ќе бидат и имплементирани како итен приоритет. Техничките способности за пресретнување на комуникациите, додаде Манчевски. ќе бидат под силна независна контрола, вклучително и судска контрола.

Инаку, Владата на седницата во вторникот, оваа недела одлучи да формира меѓуресорска работна група која ќе треба да подготви решение за реформа на системот на следење на комуникациите, врз основа на препораките од експертската група на Рајнхард Прибе, кое ќе обезбеди заштита на правата на граѓаните и заштита од злоупотреби на прислушувањето.