Манчевски: Граѓанското општество е партнер и коректор на одлуките на Владата


       
Скопје, 8 јуни, 2018 - 16:31 (META) 

Во просториите на Владата денеска се одржа првата од најавените редовни Отворени денови на владата со Граѓанските организации (ГО).

На оваа средба, како што информираат од Владата, пред присутните бројни претставници на граѓанските организации се обратиле министерот на информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, Фани Каранфилова-Пановска, директорка на Фондацијата „Отворено општество Македонија“.

Манчевски истакнал дека граѓанското општество е рамноправен партнер и коректор на одлуките на Владата, и дека оттаму дошла и заложбата за континуиран, транспарентен и целосно инклузивен дијалог со граѓанското општество.

„Идејата е заедно да го трансформираме системот, институциите да работат по европски правила, во служба на граѓаните, отворено, отчетно и одговорно“, нагласи Манчевски и додаде дека Владата внимателно и постојано го слуша гласот на граѓанското општество и на граѓаните, при подготвувањето на реформските планови.

Манчевски потенцираше дека овој отворен пристап на Владата ги дал очекуваните резултати во спроведувањето на реформскиот пакет од „планот 3-6-9“.

„Сите промени за подобрување на легислативата кои ги воведовме, веќе резултира со зголемување на законите објавени на ЕНЕР и зголемување на бројот на коментари од сите засегнати страни, а особено од граѓанските организации. Само за илустрација, ако во 2016 година само 8,3 проценти од законите биле поставени на ЕНЕР, само во првите 5 месеци од годинава, тој процент изнесува 93 проценти“, рече Манчевски.

Каранфилова-Пановска ги запознала присутните со работата на Советот, кој за само два месеци го изготвил првиот драфт на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанските организации.

Таа нагласила дека понатаму ќе се работи на усовршување на Стратегијата до нејзината конечна верзија, за која изјавила дека, очекува да биде одобрена со широк консензус од страна на граѓанското општество во Македонија.

За соработката на ГО со Владата, Каранфилова-Пановска очекува многу повеќе квалитет во донесените закони и политики, отколку квантитет, односно бројност во учеството.