fbpx

Малтретирањето на дипломатите е редовна разузнавачка забава од Москва до Македонија

-

Дипломатите на САД, персоналот во амбасадите и нивните семејства во Москва и во уште неколку други европски држави изминатиов период биле цел на малтретирања и на заплашувања, како дел од организирана кампања, оркестрирана и систематски спроведувана од руските разузнавачки и безбедносни служби, пишуваше во јуни угледниот американски весник „Вашингтон пост“.

Неодамна и кај нас се појавија и „некролози“ на актуелни и на поранешни амбасадори. Тие се само дел во шаренилото од малтретирања и од заплашувањата на кои систематски биле изложени нивните колеги дипломати во Русија и во Европа, кои се пожалиле на серија чудни, но многу сериозни малтретирања од претставници на руските тајни служби.

Според дописите што амбасадорите на САД ги испраќале во Вашингтон, дел од малтретирањата биле „рутински“:

  • Следење на дипломатите или членови на нивните семејства;
  • Непоканети лица се појавувале на настани организирани од нивна страна;
  • Новинари биле плаќани да пишуваат негативни написи за нив;
  • Лица од руските безбедносни служби провалувале во нивните домови ноќе, го разместувале мебелот или ги оставале вклучени сите светилки и телевизорите;
  • Еден дипломат пријавил дека натрапник извршил голема нужда на тепихот во дневната соба од неговиот стан;
  • Дипломатите пријавувале издупчени гуми на автомобилите;
  • Редовни малтретирања од страна на сообраќајната полиција.

Работата, како што пишува американскиот весник, отишла дотаму што државниот секретар на САД, Џон Кери, морал да интервенира до рускиот претседател Владимир Путин со барање малтретирањата и заплашувањата веднаш да запрат.

Малтретирањето на американските дипломати не е нова појава, а вакви случаи биле пријавувани и за време на првиот претседателски мандат на Барак Обама, кога припадници на руското разузнавање провалиле во куќата на аташето за одбрана на САД во Москва и му го убиле кучето. Вознемирувањето, заплашувањето и следењето на американските дипломати во Москва од страна на руските безбедносни служби и сообраќајната полиција особено зачестиле по интервенцијата на Москва во Украина во 2014 година и анексијата на полуостровот Крим, пишува „Вашингтон пост“.

Изминативе два дена меѓу САД и Русија владее дипломатска престметка, која во многу потсетува на периодот на Студената војна. Администрацијата на претседателот на САД во заминување, Барак Обама, реши да протера 35 руски дипломати од САД поради наводното хакирање на интернет-страници и елекстронска пошта на Демократската партија на САД, но и како одговор на кампањата на вознемирување на американски дипломати во Русија. Руското министерство за надворешни работи веднаш побара идентична контрамерка, која претседателот Владимир Путин не ја прифати и одлучи да не протерува американски дипломати од Русија.

Изминатава година и во Македонија зачестија заканите кон амбасадорите во земјава, особено кон оние кои поактивно беа вклучени и посредуваа во преговорите меѓу политичките партии во земјава за наоѓање на решение за излез од политичката криза.

Негативните написи во провладините медиумите против дел од дипломатскиот кор во земјава се честа појава, но имаше и настани кои буквално ги активираа алармите во амбасадите.

На 15 септември, само неколку часа откако Специјалното јавно обвинителство објави дека ги поднесува првите две обвиненија, полициската единица за прв одговор и интервенции „Алфа“, по наредба на началникот на единицата Ивица Анчевски – Пуки, пред Амбасадата на САД изведе вежба – симулирана реакција во случај на терористички напад, без за тоа да ја извести амбасадата како што е редовната процедура во таков случај. Присуството на дваесетина припадници на полициската единица „Алфи“ во близина на амбасадата, довело до активирање на американските безбедносни протоколи и до инструкции за вработените да се тргнат од прозорците и да се засолнат, а на разгласот повеќепати се повторувало „Ова не е вежба“.

По изборите на 11 декември, и само неколку дена по говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кој го објави прогласот на извршниот комитет на партијата, во кој меѓудругото се вели дека некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата и дека тоа мора да запре, на интернет-страницата „Имгур“ се појавија посмртни фотографии на дел од актуелните и поранешни амбасадори во Македонија. Партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, го осудија поставувањето на фотографиите, но досега ниту една надлежна институција, односно Јавното обвинителство, не излезе со информација дали нешто е преземно во врска со случајот.

Претходно, на постојани вербални напади беше изложен поранешниот евроамбасадор во Македонијав Ерван Фуере, кој и ден-денеска се јавува со критички ставови за актуелната политичка состојба во Македонија.

Неговиот наследник, Аиво Орав, на седница на собраниската Комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции изјави дека морал да го зголеми обезбедувањето бидејќи „многу медиуми поведоа засилена кампања против европските претставници“.

Посредникот во преговорите помеѓу партиите за Договорот од Пржино, Белгиецот Питер Ванхауте, од партијата на власт беше прогласен за „персона нон грата“ и му беше порачано дека во земјава може да дојде само како „турист“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...