Македонското литературно творештво ќе биде претставено пред грчката публика на 13. Меѓунарароден саем на книгата во Солун. Во организација на Генералниот конзулат на Македонија во Солун и на покана на грчката Фондација за култура, нашата држава ќе има свој штанд и активности на саемот, кој почнува денеска и ќе трае до 15 мај.
На саемот ќе биде промовирано современото книжевно творештво и културно наследство на Македонија, преку селекција на монографски, белетристички, научни и репрезентативни изданија.
Ќе бидат истакнати и преводи на книги од македонски на англиски јазик, реализирани преку конкурс на Министерството за култура, а ќе бидат претставени и публикации на Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ и на издавачката куќа „Магор“.
Покрај изложбениот дел, Генералниот конзулат на саемот ќе организира и два паралелни настани на кои се поканети поетот Влада Урошевиќ, професорката Вера Стојчевска-Антиќ и професорот и писател Владимир Мартиновски.
Утре ќе биде претставен превод на грчки јазик на поезијата на Урошевиќ, објавен од грчката издавачка куќа „Енкен“, а на презентацијата ќе говорат Урошевиќ, Мартиновски и издавачот Јоргос Јанопулос. Вториот настан е посветен на св. Климент Охридски и за ликот и делото на големиот просветител ќе говори професорката Стојчевска-Антиќ заедно со грчкиот професор на Теолошкиот факултет на Универзитетот „Аристотел“, Христос Арабаѕис.
Покрај Македонија, во меѓународниот павилјон на саемот ќе учествуваат и Албанија, Белгија, БИХ, Египет, Франција, Германија, Италија, Израел, Кина, Кореја, Хрватска, Кипар, Бангладеш, Украина, Романија, Русија (како почесна земја), Србија, Словачка и Турција.
На саемот ќе има 300 издавачи, 500 говорници, 284 настани, од кои 27 посветени на бегалската криза.
Ова е втора година како Македонија учествува на солунскиот саем на книгата. Лани на саемот беа претставени работата и делата на писателите Томислав Османли и Александар Прокопиев, а професорката Стојчевска-Антиќ имаше обраќање на темата „Химни за св. Кирил“.