fbpx

Македонските дипломати бараат истрага за некролозите со амбасадорите

-

Синдикатот на македонската дипломатска служба го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот со објавувањето некролози од поранешни и од актуелни амбасадори во Македонија на интернет-страницата „Имгур“ и да ги открие лицата што ги поставиле.

„Го повикуваме раководството на македонското Јавно обвинителство итно и најсовесно да ги искористи своите законски овластувања во сферата на истражувањето кривични дела и да ги открие физичките лица – автори на објавувањето некролози на редица странски амбасадори во државата Македонија на социјалната мрежа „Имгур“, инаку веќе затворена. Работата на ЈО е многу олеснета во случаите кога државни функционери на своите фејсбук-профили отворено ги навредуваат, омаловажуваат, па дури им се закануваат на странските претставници што беа инволвирани во т.н. Договор од Пржино, инаку уредно потпишан и од политичката партија на која тие функционери припаѓаат“, велат од Синдикатот.

Оттаму посочуваат Јавното обвинителство да процени дали станува збор за „сериозна закана“ што е санкционирано со членот 420, став 1 од Кривичниот законик, со казна затвор.

„Доколку истрагата укаже дека не се работи за сериозна закана, тогаш тоа ќе значи дека авторите ги сториле кривичните дела утврдени во членовите 181, односно 182 од Кривичниот законик или поточно ги изложиле на подбив овие странски претставници, бидејќи е и смешно и тажно овие некролози да се толкуваат како заштита на јавен интерес или нешто слично. Потсетуваме дека со законските измени на овие одредби не е веќе потребно тие, значи самите странски претставници, да поднесат кривична пријава туку Јавното обвинителство треба да постапува по основа на т.н. ’допрен глас’“, велат од Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Од Синдикатот посочуваат дека одлуката за тоа со кои држави и до кој степен ќе соработува земјава, е одлука на самата држава Македонија, а не на некоја партиска структура и дека никој во држвата не смее да си „поигрува или уште пострашно да им се заканува на претставниците на тие држави во Македонија, а кои уживаат меѓународна заштита“.

„Тоа, дека уживаат меѓународна заштита значи дека ние, државата Македонија, сме должни да ги заштитиме кога се на наша територија, а преку членот 29 од Виенската конвенција за дипломатски односи и формално и императивно се имаме обврзано на тоа“, се нагласува во соопштението.

Синдикатот на македонската дипломатска служба потсетуваат дека Македонија нема „најчисто досие“ кога станува збор за „неоправдано превртување на гневот од внатрешните состојби кон странските претставници“.

„Во нашето „досие“ има и повици за линч, обиди за палење амбасади, пласирање теории за „странски заговор“ против Македонија и многу говор на омраза. Следствено, ако сакаме и во еден ваков период да го сочуваме оној краен бастион – дека Македонија вака или онака е држава – должни сме итно и најсовесно да го истражиме објавувањето некролози и таа истрага да резултира со јасни правни заклучоци, па дури и последици“, порачуваат од Синдикатот.

На постизборните случувања во земјава, на говорот на омраза кон странските претставници реагираа Европската комисија и американскиот Стејт департмент, кои ја осудија „запаливата реторика од некои политички лидери, која дава дозвола за напади на демократски институции и на амбасадори акредитирани во Македонија“.

Владејчката ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер во саботата минатата недела рече дека „некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата“ и дека „тоа мора да запре“, вчера од Европската комисија побара да прецизира и да појасни кој и како им се заканувал на меѓународните претставници во Македонија и да посочи конкретен пример за тоа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...