fbpx

Македонскиот хор „Мелодиум“ настапи на Фестивалот за мјузикли во Солун

-

Со изведба на песни од светски познати мјузикли, во пријатна атмосфера вчера во Солун настапи македонскиот хор „Мелодиум“. Хорот се претстави во рамки на Светскиот фестивал за мјузикли, кој веќе седма година се одржува во Солун со учество на хорови од цела Европа.

„Мелодиум“ под  диригентската палка на Марина Коруновска настапи со пет познати нумери од познатите мјузикли „Чикаго“, „Мама миа“, „Кралот Лав“, „Сестри во акција“ и „Фантомот од операта“. Македонските хористи успеаа да направат забавно шоу за бројната публика во преполната сала за концерти на Универзитетот „Аристотел“. Настапот беше одлично прифатен и остави позитивни впечатоци и кај солунската публика и кај македонскиот хор.

Учеството на хорот на фестивалот беше на покана и иницијатива на македонскиот конзулат во Солун и конзулката Маја Апостолова. Ова е трета година како Македонија со свои хорови учествува на овој фестивал на иницијатива на македонскиот конзулат.

Хорот имаше можност да настапи и со македонска традиционална музика на официјалното отворање на фестивалот во просторот на Римската агора во центарот на градот, при што многумина во публиката мафтаа со македонски знаменца.

Диригентката на „Мелодиум“, Коруновска, во изјава за „Мета“ вели дека одлично биле прифатени од организаторите и задоволни се што нивниот настап изнудил позитивни реакции и критика од публиката. Како што вели таа, ваквите настани се одлична можност за поголема културна соработка и за запознавање меѓу двете држави.

– Бевме топло пречекани и поздравени од публиката и видливо беше нивното уживање во нашата изведба. На отворањето на фестивалот се претставивме со нашата прекрасна македонска песна „Сербес Донка“, изведена во хорски аранжман. Ова е наш втор настап во Грција, првиот беше исто така на хорски фестивал, во грчкиот град Аминдео. Музиката е јазик на кој сите се разбираме и тоа беше повеќе од јасно на настапот во Солун. Сметам дека е многу важно да се развива културната соработка, да имаме размена на мислеа, идеи, да учиме едни за други преку музиката и да споделуваме позитивна енергија и љубов преточени во звук – вели Коруновска.

Вечерната програма на фестивалот почна со оддавање почит на трагично загинатиот руски хор „Александров“ преку изведба на неколку познати традиционални руски песни. На фестивалот, покрај Македонија, учествуваат и хорови од Грција, Турција, Србија, Швајцарија, Бугарија, Русија и од Кипар, под покровителство на грчкото министерство за култура и на солунската префектура.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Атлантик: Со среќа во борбата против дезинформации

Угледниот американски магазин Атлантик објави опширен напис, во авторство на Квинта Џуресик, со наслов „Со среќа во борбата против дезинформациите“. Сторијата се однесува на Ник Сојер, доктор во Калифорнија....