!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонски државјанин повреден во нападот во Барселона, потврди МНР


       
Барселона, 18 август, 2017 - 9:31 (META) 

Македонски државјанин е повреден во терористичките напади што вчера се случија во Барселона. Како што соопшти утрово Министерството за надворешни работи, македонскиот државјанин се наоѓа во болница во Барселона и е надвор од животна опасност.

„Согласно комуникацијата остварена со надлежните служби, македонската амбасадата во Шпанија дојде до информација дека еден македонски државјанин во моментот се наоѓа во болница во Барселона. Лицето во моментот на извршување на нападот се наоѓало во непосредна близина и се здобило со скршеница на зглобот на ногата. Лицето се наоѓа вон животна опасност и е третиран од страна на шпанските медицински служби“, стои во соопштението од МНР.

Претставник од македонската амбасада, веднаш по добиената информација, заминал во болницата каде се наоѓа повредениот македонски државјанин.

Во нападот, извршен со комби, кое влетало во пешаци во близина на плоштадот „Каталуња“, во центарот на Барселона, загинаа 13 лица, а десетици се повредени.

Неколку часа, по нападот во Барселона, се случил и втор напад, во градот Камбрил, исто така, изведен со возило.

Шпанската полиција соопшти дека убила петмина осомничени терористи во Камбрил, кои носеле појаси со експлозив и се поврзуваат со првиот напад во Барселона.