!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонија живее нова ера ослободена од режимот на Груевски, порача Заев од Битола


       
Битола, 25 септември, 2017 - 22:56 (META) 

Централниот карван на СДСМ во Битола ја почна кампањата за локалните избори под мотото „За живот во сите општини“. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека ја бара поддршката за граѓаните да имаат достоинствен живот во земјата и додаде дека очекува победа во Битола со повеќе од 5.000 гласа разлика.

– Ни треба вашиот влог за да работиме заедно, за живот за сите. Промената почнува од вас, од секое село и град. Да работиме заедно за во сечиј дом да бидат видливи промените. Имаме план за живот во Македонија за сите. Програмата на СДСМ и на коалицијата се потпира на четири столба. Прво, градиме по план бидејќи заврши времето на „Еј, Миле, ми текна, да ставиме овде фонтанче“. Второ, работиме за чиста вода и за чист воздух. Битола е пример бидејќи лелек ечи на сите страни. Трето, насочуваме повеќе пари кај граѓаните. Носиме поддршка за домашните компании за нови и подобро платени работни места. Четврто, граѓаните ќе ги добијат сите потреби на едно место. Обезбедуваме ефикасен јавен превоз и чисти загреани училишта. Ќе има помош за сите. Ставаме крај на децениското самоволие со кое градоначалниците им ги исполнуваат барањата на партиските шефови – рече Заев.

Лидерот на СДСМ нагласи дека Македонија веќе живее нова ера ослободена од режимот на Груевски и рече целиот свет слушнал какви насилници се кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, кои притоа работеле по директива.

Кандидатката за градоначалник на Битола, Наташа Петровска, порача дека живот во Битола мора да има, дека чесноста ќе биде пред сè и дека нејзиниот кабинет ќе биде постојано отворен за битолчани.

– Во последната деценија Битола го изгуби сјајот. Раскопани улици, младите си отидоа, а тие се богатеа на нашиот грб. Доста е, промени мора да се случат. Промените се наши и ќе се случат на 15 октомври во првиот изборен круг. Битола нема време за чекање, овие избори се за поинаква Битола, која ќе биде перспективна. Ќе направиме гасификација по примерот на Струмица, а ќе имаме и сообраќаен режим и нови паркиралишта. Младите ќе имаат повеќе простор за разни спортови преку мултифункционалниот спортски центар што ќе го изградиме. Ќе ги зголемиме капацитетите во градинките и во домовите за старите лица, а минато ќе биде ѓубрето расфрлано низ градот. Ќе се облагородат месните заедници, кои ќе бидат топли катчиња на нашите граѓани. Современите услови во училиштата се основни приоритети кои мора веднаш да се спроведат и тоа е должност на секоја локална власт – рече Петровска.