fbpx

Македонија одбележува 26 години независност

-

Република Македонија денеска одбележува 26 години од референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, повеќе од 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 Септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.  Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992 година, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

На 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација, но поради противењето на Грција зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

По повод Денот на независноста, делегација предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Под мотото „Заедно кон врвот“, денеска во Крушево, во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО, се организира искачување на Бушева Планина. Најавено е присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол, како и на амбасадорите на Обединетото Кралство и ЕУ, одбранбени аташеи во Република Македонија, припадници на МО и на АРМ и претставници на граѓански здруженија.

Во Свечената сала на Собранието, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2017 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и на спортски работници. Годинава добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело е Иван Кочовски, поранешен шаховски селектор и актуелен стручен соработник на Шаховската федерација на Македонија. Други добитници на наградата се каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски – Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски.

Централната прослава по повод Денот на независноста се одржа вчера пред платото на Владата на Република Македонија под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“. Домаќин на прославата беше Владата, а на присутните им се обрати премиерот Зоран Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...