This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Jan 18 10:00:17 2019 / +0000 GMT

Македонија на седум чекори до столчето во НАТО




Формално седум чекори, од кои два суштински, ја делат Македонија од полноправно членство во НАТО. Процесот, според најавите, би требало да заврши до крајот на годинава.

Првиот чекор е усвојување на уставните измени, односно формално спроведување на Преспанскиот договор. Целосното спроведување на договорот „меѓу Скопје и Атина“ е и формален услов во поканата што НАТО и ја упати на Македонија во јуни лани, на самитот во Брисел. Условот се темели на член 10 од Вашингтонскиот договор, со кој е основан НАТО, според кој нови членки се примаат само со едногласна одлука на сите членки. Во македонскиот случај, Преспанскиот договор е услов за грчката согласност.

Втор чекор е Грција да го ратификува Преспанскиот договор, за целосно да се исполни условот од Бриселскиот самит на НАТО. По ова, процедурата се сели во Северноатлантскиот сојуз.

Како трет чекор, НАТО подготвува Протокол на Вашингтонскиот договор за пристапување на новата членка. Тоа е всушност амандман на оригиналниот договор за Северноатлантски сојуз, склучен во 1949 година.



Веднаш потоа почнува четвртиот чекор, процесот на ратификација на протоколот, во кој секоја од 29-те членки на НАТО треба да го ратификува протоколот според националните процедури. Процесот трае различно во секоја земја. На пример на САД им треба двотретинско мнозинство гласови во Сенатот за да го ратификува протоколот. Во Британија, пак, не е потребно формално гласање во парламентот. Се очекува процесот да заврши до крајот на годинава, а Грција најави дека прва ќе го ратификува протоколот.

Додека трае ратификација, Македонија до одредено ниво учествува во процесите во Алијансата. На пример, може да учествува на сите форуми и средби, но без право на глас. Или, како што најавуваат македонските функционери, „ќе добие столче во НАТО“.

Петтиот чекор е поканата за пристапување, која до Македонија ќе ја упати генералниот секретар на НАТО кога сите членки ќе ги известат САД; депонентот на договорот, дека го ратификувале пристапниот протокол.

Македонија во шестиот чекор ќе треба и самата формално да го прифати пристапувањето во НАТО – со референдум или со гласање во Собранието. Потоа одлуката за пристап му ја доставува на Стејт департментот на САД, „чуварот“ на Вашингтонскиот договор, и формално станува членка на НАТО.
Post date: 2019-01-08 13:33:35
Post date GMT: 2019-01-08 12:33:35
Post modified date: 2019-01-08 13:33:35
Post modified date GMT: 2019-01-08 12:33:35
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com