fbpx

Македонија на 118. место според „Репортери без граници“

-

Македонија годинава се најде на 118. место на ранг-листата на „Репортери без граници“. Во годишниот извештај објавен денеска, организацијата нотира дека слободата на медиумите во светот е во голем и загрижувачки пад поради притисокот на властите и на корпорациите.

Состојбата на слободата на медиумите е деградирана во сите региони во светот во 2015 година, особено во Северна и во Јужна Америка, кои првпат се зад Африка во годишната класификација на организацијата.

Според „Репортери без граници“, голем број светски лидери шират параноја меѓу новинарите и преземаат остри мерки против медиумите, а известувањето за настаните од приватните медиумски компании сè повеќе е определено од корпоративните интереси.

Како основни причини за тоа, од организацијата, меѓу другото, ги наведуваат зголемените авторитарни тенденции во земјите како Турција и Египет, поголемата контрола на владите врз државните медиуми, дури и во некои европски земји, како што е Полска, и сè потешката безбедносна ситуација во повеќе земји, меѓу кои Либија и Бурунди или, пак, целосен хаос во некои од нив, како Јемен.

„Опстанокот на независното известување е сè понеизвесен, како во државните, така и во приватните медиуми поради заканите од идеологиите, особено верските, кои се непријателски настроени кон медиумските слободи“, нагласуваат од „Репортери без граници“.

Организацијата истакнува дека во светот олигарсите ги купуваат медиумите и вршат дополнителен притисок, покрај тој што веќе го спроведуваат владите.

Индексот на слободата на медиумите во 180 држави, кој се објавува од 2002 година досега, е поврзан со серија одвоени показатели: плурализмот, независноста на медиумите, автоцензурата, законите, транспарентноста, опкружувањето и друго.

– Сите показатели бележат влошување. Многу државни органи се обидуваат да ја вратат контролата врз медумите во соодветната земја, стравувајќи од премногу отворена јавна дебата – изјави Кристоф Делоар, генерален секретар на „Репортери без граници“.

Финска го задржува првото место според индексот на медумска слобода шеста година по ред, а по неа се Холандија и Норвешка.

Иако Европа останува зона каде медиумите се најслободни, некои земји, како, на пример, Полска, бележат драстично влошување во оваа сфера, бидејќи властите ја зајакнале контролата врз медиумите (Полска е на 47. место, за разлика од лани кога беше на 18. позиција).

Во Унгарија, владата исто така се обидува да ја ограничи слободата на медиумите, според извештајот.

Во Франција (која паднала за седум места од лани и сега е на 45. позиција) голем број бизнисмени со интереси надвор од медиумската сфера поседуваат значително мнозинство во приватните медиуми на национално ниво.

Новинарите на Блискиот Исток и во Африка се жртви на тероризам, вооружени конфликти и на закани од властите. Во Латинска Америка работата на новинарите е ограничена од организираниот криминал, насилството и од корупцијата, а новинарите во САД биле подложувани на кибер-следење.

Според извештајот, слободата на медиумите бележи пад и во демократските земји во Источна Азија, како Јапонија и Јужна Кореја, а во Кина, според извештајот, „Комунистичката партија го зајакнала притисокот до нови нивоа“.

Во постсоветските територии слободата сериозно се влошува и многу земји го следат примерот на Русија, каде критичарите на владата се подложени на истраги.

Исклучок е Украина, каде се забележува подобрување, благодарение на намалувањето на насилството во источниот дел на земјата и спроведувањето на одредени реформи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...